(ВИДЕО) Господинот Оливие Жиру со „ножички“ го сруши Атлетико Мадрид во Букурешт – ММС
ММС

Објавено на: 02/23/21 11:58 PM

(ВИДЕО) Господинот Оливие Жиру со „ножички“ го сруши Атлетико Мадрид во Букурешт

Годините се само бројка. Помеѓу најголемите отелотворувачи на оваа фраза се наоѓа и вечно оспоруваниот и дискредитиран француски напаѓач, Оливие Жиру. Пикот број еден во нападот вечерва на Томас Тухел и пикот број еден во нападот на Дидие Дешамп, вечерва го манифестираше своето брилијантно фудбалско знаење и со фантастичен гол со „ножички“ го сруши Атлетико Мадрид на „Националната Арена“ во Букурешт.

Без шут кон голот на Едуар Менди, екипата на Чоло Симеоне не ја оправда улогата на фаворит доделена пред два месеци при ждребот за нокаут-фазата во Лигата на Шампионите. Едноставно Челзи им ја сокри топката на номиналните домаќини кои поради околностите со коронавирусот не можеа да ги пречекаат лондончани на „Ванда Метрополитано“. Високиот пресинг и наметнатиот силен интензитет без и со топка, му донесоа на тимот од западен Лондон важна победа пред реваншот на „Стемфорд Бриџ“ за две седмици.

Оној кој во групната фаза беше „џелат“ за освојувачот на Европа Лига, шпанскиот претставник Севиља, овојпат се покажа како кобен и за „јорганџиите“. Жиру не постигна четири погодоци како на „Рамон Санчез Писхуан“, но со неверојатен гол го совлада Јан Облак во 68-та минута и го оконча резултатот.

Од кампањата 2011/12, сезоната во која Челзи за првпат се искачи на врвот на Европа, Оливие Жиру е првиот фудбалер после Дидие Дрогба кој постигнал шест или повеќе од шест погодоци во елитното натпреварување. Добро некое друштво за некогашниот напаѓач на Монпеље и Арсенал.

До крајот на двобојот Челзи преку додавања „нога до нога“ го одржуваше и чуваше тешко заработеното водство, додека Атлетико Мадрид се обидуваше со плиток пресинг и контра да стигне во шеснаесетникот на гостите и да извлече нешто од првиот елиминационен судир.

Жолтиот картон уште во првата минута, ќе го оневозможи Мејсон Маунт од настап на реваншот, заедно со Жоргињо кој исто така заработи суспензија и ќе мора да паузира. Двајцата фудбалери би се вратиле во поширокиот список на германскиот стратег во потенцијалното 1/4 финале за „сините“.

Вториот дуел на „Олимпико“ во Рим пружи забава за неутралната публика и повеќе или помалку очекуван краен исход. Бранителот на титулата Баерн Минхен без посериозни проблеми го „исчисти“ Лацио со 1:4 и обезбеди поволна предност пред реванш дуелот на „Алијанц Арената“.

Левандовски, Мусиала и Сане уште во првите 45 минути го демолираа домаќинот, а Ачерби со автоголот на стартот на второ полувреме даде до знаење дека Лацио во овој дуел нема што да бара. Одличниот индивидуален гол на Кореа во 49-та минута само накратко ги залечи раните на Симоне Инзаги.

На утрешната програма, Аталанта го дочекува десеткуваниот Реал Мадрид, додека пак Манчестер Сити му гостува на Борусија Менхенгладбах.

 

 

Фото:

chelseafc.com