Започнува 48 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, кој е еден од најстарите фестивали во Битола, но и во Македонија. Основната мисија на фестивалот е презентација на автентичната народна култура, односно традиционалната игра и песна на националностите во Македонија, но и презентирање на интернационалните култури. Оваа година ќе настапат 34 фолклорни групи од кои 11 странски, а другите се од Македонија. Започнува денес со изложбата на кошули и традиционални облеки во 20 часот во Магазата.
– Освен од Македонија, имаме гости од Јапонија, Шпанија, Полска, Америка, Северен Кипар, Хрватска, Грција, Србија, очекуваме околу 1000 гости од 34 ансамбли. Наредната недела нашиот град ќе живее со најразлични култури и традиции, истакна Маја Андоновска Илијевски, директор на Центар за култура Битола.
Од оваа година „Илинденски денови“ е единствен фестивал кој поседува сертификат и е дел од интернационалното семејство на 100 фолклорни фестивали, CIOFF, организација која е под чадорот на УНЕСКО.
-Фестивалот со играорскиот и песнопоен дел започнува од сабота и ќе трае до 1 август. Тој играорен дел оваа година е 5 дена, затоа што постојат строги фестивалски принципи во CIOFF, изјави Валентин Соклевски, координатор на фестивалот.
Програмата за оваа година нуди интересни групи, кои се надеваат ќе наидат на голем интерес кај публиката.
-Ќе имаме група од Америка, кој го негува балканскиот фолклор, особено македонскиот, а интересно е дека нивниот кореограф е Јапонец, рече Соклевски.
Фестивалот завршува на 1 август со концертот на битолската гордост, доајенот на македонската нардодна песна, Виолета Томовска, во античкиот локалитет Хераклеја.
Маја Богоевска