Шекеринска и Брнз на Криволак: Ова е сојузништво на дело, заедно го планираме развојот на Криволак – ММС
ММС

Објавено на: 02/23/21 8:48 PM

Шекеринска и Брнз на Криволак: Ова е сојузништво на дело, заедно го планираме развојот на Криволак

Ова е одличен ден за Армијата, за македонската одбрана, но и за нашето стратешко партнерство со САД. Со САД и нивните вооружени сили заедно го планираме развојот на Криволак, заедно работиме, а од оваа пролет ќе почнеме да го користиме како еден феноменален, не само локален, национален, туку како НАТО капацитет, истакна министерката Радмила Шекеринска која со американската амбасадорка Кејт Брнз, беше во посета на армискиот полигон Криволак.

Шекеринска најави дека очекуваат во средината на идниот месец да пристигне 15. Инженерски баталјон на американската војска и заедно со нашите инженерци да продолжат да работат на развојот на полигонот.

–  Oва е сојузништво на дело. Покажува дека заедно знаеме да планираме, заедно можеме да вложиме во Криволак, но се со клучната цел – да бидеме подобри сојузници и заедно да можеме да спроведуваме и заеднички вежби, но и заеднички борбени дејствија. Сакам да најавам дека доаѓањето на овој инженерски баталјон ќе биде само подготовка за вежбата која оваа пролет ќе се случи на Криволак и за која очекуваме над 2000 припадници на војските на Северна Македонија, САД, Бугарија и Грција, да учествуваат во една голема вежба, рече Шекеринска, потенцирајќи дека неделава и следната треба да покажат како соработуваме со нашиот стратешки партнер САД.

Шекеринска вели не треба само да се чекаат американските инженерци да дојдат и да помогнат, туку дека задачата на вистински сојузник е да обезбеди механизација, луѓе и финансиски средства.

Амбасадорката Брнз истакна дека е импресионирана од професионалноста и стручноста на војниците, но и од начинот на подготовна за реализација на вежбата „Одлучен угар“.

Таа потенцираше дека секоја единица од САД што се обучувала тука имала само пофални зборови за Кривоак и смета дека е извонреден капацитет за Северна Македонија.

–  Ги ценам вашите планови што инвестирате и го развивате овој полигон за обука. Тоа ќе ги поддржи не само потребите кои С.Македонија ги има во моментот, туку и идните. Како што знаете војската се модернизира со нова опрема и тоа претставува поддршка за посложени комбинирани обуки со американските и регионалните партнери и сојузници на НАТО. САД како резултат на тоа се навистина посветени да дадат поддршка за унапредување на полигонот Криволак, рече Брнз.