Отворенa Лабораторија за развој на иновативни производи на Технолошко – техничкиот факултет во Велес, во неа три нови апарати – ММС
ММС

Објавено на: 02/23/21 6:28 PM

Отворенa Лабораторија за развој на иновативни производи на Технолошко – техничкиот факултет во Велес, во неа три нови апарати

Три нови апарати доби лабораторијата на Технолошко-техничкиот факултет во Велес. Со нив ќе се мерат протеини, за автоматизирана анализа на масти и инструмент за определување на активитетот на водата за определување на рокот на траење на производите. Анализите ќе ги работат студенти, магистранти но и докторанти. Студентите тоа ќе го прават и за потребите на прехранбенитефирми од вардарски регион што ќе појават интерес. Иновативниот дел се состои во тоа што за потребите од магистерски и докторантски трудови, факултет ќе им ја стави на располагање комплетната лабораторија. Новите апарати се купени со финансиска поддршка од над два милиони денари Агенција за развој и соработка во Северна Македонија, преку Министерството за локална самоуправа.

-Опремата може да ја користи и приватниот сектор во прехранбената индустрија во регионот за истражувачки дејности, за иновации и така натаму. Ова е еден вид на јавно приватно партнерство што ние секогаш го поддржуваме и поттикнуваме, рече Сибил Сутер, Амбасадорка на Швајцарија.

-Ќе му служи на приватниот сектор но и на образованието. Правиме спој помеѓу образование и претприемништво каде ги оспособуваме студентите со практична настава или тоа што е неопходно при нивната работа во приватниот сектор да бидат обучени. Лабораторијата ќе можат да ја користат над 260 студенти и да работат за потребите на приватните фирми или по нивното дипломирање фирмите да добијат обучена работна сила, рече Горан Милевски министер за локална самоуправа.

Во прехранбено-технолошкиот центар можат да се добијат и стручни совети за поттикнување на иновативните производи особено во прехранбениот сектор, лабораториски анализи на суровини и прехранбени производи, стручна помош при подготовка на проектни апликации, совети од секојдневната пракса при имплементација на иновативната технологија.

-Воспоставувањето на Прехранбено-технолошкиот центар ќе резултира со зголемена понуда на нови прехранбени производи со посебни нутритивни и функционални карактеристики, произведени според барањата на современиот потрошувач, кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на компаниите на домашниот и странскиот пазарот, рече деканката на факултетот, Татјана Калевска.

Овој проект беше издвоен како приоритетен на форумите организирани од центарот за  развој Вардарски плански регион за 2020 година.

 

 

 

 

Стефани Манева