Во сон ги гледам децата како се дават во водата – Фудбалерот Един Мерсовски спаси три деца од давење во Охридското езеро – ММС
ММС

Објавено на: 02/23/21 7:00 PM

Во сон ги гледам децата како се дават во водата – Фудбалерот Един Мерсовски спаси три деца од давење во Охридското езеро

„Додека заспивав ми се вртеа сликите од децата како тонат во Охридското езеро. Не дај боже да се удавеа, ќе се обвинував цел живот зошто не сум влегол во студената вода да ги извадам“, раскажа за ММС, фудбалерот на ФК Охрид, Един Мерсовски (26) кој благодарение на храброста спаси три детски животи среде бел ден на кејот на Охридското езеро.

Един заедно со неколку играчи оделе кон стадионот кога во близина на еден од пабовите на кејот ги здогледал децата. Се зачудил зошто деца во овој период од годината се капат во езерото и кога подзастанал видел дека децата не си играат, туку се борат за живот.

„Околу 13 часот ги забележав децата, две девојчиња и едно машко. Машкото дете се преврти од оградата, а најмалото, кое има околи 6-7 години се фрли по него и двете ги фати паника. Цели пет секунди ги немаше на површината и јас решив да скокнам во студената вода. Ги кренав, но тие во паниката ме влечеа. За среќа девојчето го спречив да влезе. На најмалото дете му стана лошо и беше преплашено“, вели Един  и додава дека децата имале голема среќа затоа што секунди ги делеле од најлошото.

Ги прашал дали сакаат да ги носи на лекар, но му рекле дека биле добри.

„Додека се соземавме од шокот, тие избегаа. Ги познавам децата, просат и живеат во една напуштена куќа, но не сум ги видел нивните родители. Тие деца цел живот го минуваат на улицата, живеат ден за ден, а сигурен сум дека нивните родители не знаат за оваа ситуација„ вели херојот Един.

Един истакна дека на местото имало многу луѓе и беше револтиран што најголемиот дел од нив фаќале сеир, наместо да помогнат.

„Имаше многу луѓе, но никој не сакаше да влезе во студената вода. Сите дотерани за на кафе, само немо гледаа и викаа да не креваме паника, а на децата им беше важна секоја секунда од времето додека тонеа во Охридското езеро“.

Един во тие моменти заборавил дека има истегнати препони и повреда на грбот поради кои и всушност се нашол на местото на настанот.

„Токму повредата ме спречи да настапам на мечот и затоа и одев кон стадионот во тоа време додека децата си играле на кобното место. Не размислив за моите повреди во тој момент. Искрено, фудбал ќе играме и утре и после една година, но животот на децата нема цена“, раскажа фудбалерот кој не се чувствува како херој туку како млад човек кој е подготвен секогаш да помогне на било кој кога е во неволја.

Орце Костов

фото: ГФК Охрид, приватна архива