Одбраната во случајот Монструм ќе ја обжали одлуката во однос на пресудите, но и одлуката за определување мерка притвор. Ова беше најавено по завршување на денешното рочиште на кое беа изречени три доживотни затворски казни, една од еден и една од петнаесет години.
„Кога беше изречена првата пресуда во овој предмет, јас уште тогаш кажав дека сме далеку од владеење на правото, сега сме уште подалеку. Во Судот и во Обвинителството треба едно добро прочистување. Без докази не се обрна внимание на Врховниот суд кој ‘де факто’ ги ослободи овие обвинети. Врховен кажа дека ова не се сторителите и сега се направи неправда. Одиме понатака и ние како одбрана сме сигурни дека ќе стигнеме до правдата“, порача во изјава за медиумите адвокатот, Насер Рауфи.
Тој реагираше дека целиот предмет се базира на претпоставки и оцени дека се работи за неправда, која тој и неговите колеги ќе се обидат да ја исправат, а како аргумент ќе ја искористат одлуката на Врховен од 2017 со која првичните пресуди беа укинати и предметот повторно беше вратен на судење.
Адвокатот Асмир Алиспахиќ смета дека обвинителите покажале двојни аршини во однос на предлозите за определување мерка притвор.
„Може да увидите дека неправосилно осудениот Хаки Азири на кој му беше определен притвор уште од 01.05.2012 до одлуката на Врховниот суд, константно ги почитуваше мерките на претпазливост, се јавуваше, а сега му е изречена висока казна за дело кое не го сторил“, изјави Алиспахиќ обвинувајќи за спрега меѓу судството и Јавното обвинителство.
„Обвинителите дури и во завршните зборови ги побараа токму овие казни, значи од почетокот имаат договорена определба на притворот. За мене е нејасно зошто се определува мерка притвор. Постојат други мерки на претпазливост и доколку не се почитуваат, може да се заменат со мерка притвор. Постои сомнение дека судот не ги зел предвид напатствијата од Врховниот суд. Апсолутно ќе ја обжалиме одлуката и за притворот и во однос на пресудата. На крај ќе докажеме дека обвинетите не се извршители на овој грозоморен чин“, потенцираше адвокатот.
За потсетување, во претходна постапка за убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.
По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторно судење и случајот во март 2018 гдина го презеде поранешното СЈО. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презеде Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети.
Вања Мицевска