Заев ги повикал на состанок одговорните лица на институциите надлежни за бегството на Мијалков – ММС
ММС

Објавено на: 02/23/21 1:20 PM

Заев ги повикал на состанок одговорните лица на институциите надлежни за бегството на Мијалков

Премиерот Зоран Заев утринава имал работен состанок со првите одговорни лица на институциите, кои имаат надлежност во врска со бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.

Заев, како што посочуваат од Владата, состанокот го свикал со цел директно и лично да се информира за сите аспекти на случувањата изминатите денови, за истрагата и за чекорите кои институциите ги преземаат.

-Премиерот стои цврсто на неговите јасни и јавно изнесени позиции дека сите надлежни институции, согласно своите надлежности имаат обврска да го лоцираат лицето Сашо Мијалков. Премиерот порачува дека граѓаните очекуваат детално објаснување, дека институциите се должни да дадат јасни одговори на сите прашања за овој случај и дека не се можни компромиси со правдата и одговорноста, наведуваат од Владата.

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по екс директорот на УБК Сашо Мијалков, кој од неделата е недостапен за полицијата. Тоа отвори многу дилеми и предизвика реакции од повеќе страни, како и барања за одговорност и истрага за евентуални пропусти од надлежните институции.

Полицијата во неделата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството го донел Кривичниот суд.

MИА