Оркестарот на Филхармонија в четврток, во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Бетовен:Редефиниција“ на кој како солист ќе настапи виолинистот Јонијан Илијас Кадеша (Албанија/Грција). Со оркестарот ќе диригира маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се „Варијации на тема од Хајдн“, оп.56 од Јоханес Брамс и Концерт за виолина и оркестарот во Де-дур, оп 61 од Л.В.Бетовен, соопштуаат од Филхармонија.
Виолинскиот концерт во Де-дур оп.61 за виолина и оркестар од генијалниот Л.В.Бетовен премиерно бил изведен во Виена во 1806 година. Ова е единствениот виолински концерт на Бетовен и едно од неговите најлирски дела. Напишан е во еден од неговите најкреативни периоди, кога создал многу значајни дела. Му го нарачал виолинистот Франц Клеменет, кој сакал драматично дело за неговиот следен концерт. Бетовен го завршил за кратко време, непосредно пред концертот.
Иако Брамс, речиси секогаш се дефинира како ултимативен романтичар, тој од своите современици бил сметан за старомоден автор кој повеќе сака да се навраќа кон минатото, наместо да гледа кон иднината. „Варијации на тема од Хајдн“ се пример за неговиот интерес кон минатите стилови. Интересот на Брамас за Хајдн го поттикнал неговиот пријател Карл Фердинанд Пол, и под негово влијание тој почнал сериозно да ја истражува музиката на класичниот композитор. Така ја открил мелодијата позната како „Коралот на Св.Антонио“ која ќе стане основа за создавање на варијациите.
Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот за композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте.Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција.Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен…
Јонијан Илијас Кадеша има грчко-албански корени, а живее во Берлин. Неговата изведба се карактеризира со стилска посветеност и егзактна артикулација во интерпретацијата на дела од сите музички епохи. Кадеша секогаш трага по имагинацијата на звукот, постојано барајќи нови звучни хоризонти.
Добитник е на повеќе интернационални награди меѓу кои и на натпреварите „Виндзор“ и на „Леополд Моцарт“…Како млад виолнист неодамна дебитира со Шкотскиот камерен оркестар, со Ројал филхармоник оркестра, со Новиот руски државен оркестар, под диригентската палка на Јури Башмет, и со камерниот оркестар на Европа. Дебитираше со Атинскиот државен оркестар во 2019 година со кој го изведе Виолинскиот концерт на Никос Скалкотас, кој заедно со дела од Енеску и Равел се најде и на неговиот албум. Заедно со челистот Вашти Хантер, тој го сними и албумот „Патување за двајца“ со дела на Онегер, Скалкотас, Ксанакис и Кодаљ.
Јонијан Илијас Кадеша веќе настапува на водечките светски сцени и на познати фестивали во Европа. Во август, 2020 година, по неколкумесечна коцертна пауза во германската престолнина, тој го отвори фестивалот на „Млади европски класици“ во Берлин.
Настапувал и во Вигмор Хол, во Лувр, со Филхармонијата на Берлин, на фестивалот „Резонанс“ во Белгија… Како солист настапувал со повеќе оркестри во Европа. Во неговата концертна агенда за сезоната 2020–2021 година, освен концертот со Филхармонијата на РС Македонија, Кадеша ќе го изведе и Концертот бр. 2 за виолина и оркестар од Шостакович заедно со Државниот симфонски оркестар во Атинаи со камерниот оркестар „Лондон Моцарт плејерс“…
Камерната музика го врзува со познати музичари како што се Марта Аргерич, Стивен Исерлис, Николас Алштед, Илја Григолтс… Тој е коосновач на триото „Гаспард“ со кое настапува во Европа и во САД.
Свири на виолина изработена од Џовани Батиста Гуаданини од 1749 година.