Навивачите во колевката на фудбалот се враќаат на трибините на 17 мај, односно во последното коло во Премиер Лигата за оваа сезона кое ќе се одигра на 23 мај, ограничен број на фанови ќе може конечно да присуствуваат на стадионите.
Ова е дел од нацрт-планот за растеретување на рестрикциите и мерките во земјата, кој денес го објави британскиот премиер Борис Џонсон.
Откако есента се донесе одлука за постепено враќање на навивачите на трибините, влошувањето на состојбата со пандемијата на коронавирусот во Англија повторно ги затвори вратите за љубителите на фудбалот.
Во „чекор по чекор“ идејата предвидено е, меѓудругото, на стадионите максимално да бидат дозволени 10.000 луѓе. Финалето на ФА Купот за кампањата 2020/21 кое ќе се одигра два дена пред официјалното растеретување на рестрикциите, можеби и ќе биде искористено како тест (капацитетите на „Вембли“ потенцијално би биле исполнети) пред последното коло од најдобрата светска фудбалска лига.