Гутереш ја повика воената хунта во Мјанмар да ја почитува волјата на граѓаните на последните избори – ММС
ММС

Објавено на: 02/22/21 7:12 PM

Гутереш ја повика воената хунта во Мјанмар да ја почитува волјата на граѓаните на последните избори

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, ја повика воената хунта во Мјанмар да ја почитува волјата на народот на последните избори, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Гутереш говореше на 46-тата седница на Советот за човекови права на ОН.

Поканувајќи ја администрацијата на хунтата во Мјанмар да стави крај на нејзината репресивна политика, Гутереш рече: „Ослободете ги затворениците. Стопирајте ги насилствата. Почитувајте ги човековите права и волјата на народот на последните избори.“

Истакнувајќи дека го поздравува повикот на Советот за човекови права од 12 февруари „да се донесе одлука за ембарго за вооружување и забрана за патување во Мјанмар“, Гутереш рече дека луѓето во Мјанмар ја поддржуваат „демократијата, мирот, човековите права и владеењето на правото“.

Нагласувајќи дека демократијата во Мјанмар е поткопана од една „немилосрдна сила“, Гутереш рече дека со игнорирањето на принципот на „отчетност“ имало сериозни повреди на правата на малцинствата, вклучително и на Араканците, а исто така имало и „етничко чистење“.

Генералниот секретар Гутереш, наведувајќи дека „поттикнувањето расизам, антисемитизам, антимуслиманство, насилство врз малцинствата, хомофобија, ксенофобија, не е ништо ново“, рече дека екстремистичките движења се закана број еден за безбедноста во многу земји.

Покрај тоа, Гутереш изјави дека овие групи на омраза исто така биле поздравени од луѓе на позиции со одговорност.

Етничко чистење на муслиманите од Аракан

Муслиманите од Аракан со законот донесен во 1982 година ги изгубија правата за државјанство.

Во Мјанмар, во моментот официјално се признаваат 135 различни етнички групи. Радикалните будисти се спротивставуваат на признавањето на муслиманите од Аракан.

Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници луѓе беа масакрирани, од кои повеќето муслимани, а беа запалени стотици куќи и деловни простории.

Мјанмарската војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.

Податоците на Обединетите нации (ОН) покажуваат дека од август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, во соседен Бангладеш побегнале над 900 илјади луѓе.

Обединетите нации и меѓународните организации за човекови права го нарекоа етничко чистење или геноцид насилството врз араканските муслимани.