СЗО: Епидемијата на Ковид-19 ќе заврши на почетокот од 2022 година – ММС
ММС

Објавено на: 02/22/21 10:58 AM

СЗО: Епидемијата на Ковид-19 ќе заврши на почетокот од 2022 година

Регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, истакна дека и 2021 година ќе биде година на коронавирусот, но дека во споредба со 2020 година ќе може полесно да се справуваме, пренесува агенцијата Анадолија (АА).

Клуге, истакнувајќи дека најлошото сценарио е поминато, рече дека имаат повеќе информации за вирусот во споредба со 2020, кога вирусот започнал да се шири.

Тој рече дека никој однапред не може да ги знае случувањата во врска со епидемијата на Ковид-19.

„Мислам дека епидемијата ќе заврши на почетокот на 2022 година“, изјави Клуге.

„Вирусот и понатаму ќе постои, но мислам дека нема да има потреба од ограничувања. Ова е оптимистичка порака“, порача регионалниот директор на СЗО за Европа.

Оценувајќи дека мутацијата на Ковид-19 е нормална и дека вирусот се обидува да се приспособи на лицето во кое е присутен, Клуге рече дека загрижува фактот што мутациите бргу се шират.

Клуге рече дека внимателно следат колку се ефикасни вакцините во однос на мутираниот вирус на Ковид-19, што се шири побргу, и додаде дека доколку има потреба, вакцините ќе се приспособуваат во однос на новите мутации и дека нема потреба од развивање нова вакцина за мутацијата.

Посочувајќи дека мутациите нема да придонесат вирусот да излезе од контрола, Клуге рече дека може да придонесат за поголем притисок врз здравствените системи, па затоа мутациите треба да се сфатат сериозно.

Клуге додаде дека најголемиот проблем ќе се појави кога вакцинираните и невакцинираните лица ќе се соберат на исто место и рече дека временската рамка за вакцинирање е многу важен фактор.

„Отсега брзината е наш најдобар пријател. Сè зависи од темпото. Брзината ќе спаси живот и ќе ја заштити економијата и на крајот ќе ги спречи мутациите“, подвлече Клуге.