„Фризерката од Македонија со уникатен талент“, вака светот ја запозна Светлана Зулуманоска Гроздановска од Прилеп. Светлана за ММС открива како започнал нејзиниот талент, колку е горда што сосема случајно целиот свет дозна за неа и за она што таа го прави. И како е да се создаде уникатен портрет, но не со бои, не со молив туку со природна коса. Со нејзиното 29 годишно искуство како фризерка вели дека уметноста секаде ја пронаоѓа, за да се биде професионален во оваа работа едноставно треба и да се биде уметник.
-Да се биде фризерка, а особено ако сте успешен фризер веќе 29 години вие сте и уметник. Нашата фризерска работа е уметност и отсекогаш се чувствував како уметник бидејќи многу ја сакам уметноста, и ја гледам во се. Од кога знам за себе сакам да цртам и тоа го правам со голема љубов. -Од пред 2-3 години започнав поинтензивно да се занимавам со цртањето.
Таа има завршено на Техничкиот факултет , на смерот сообраќаен инжинер каде таму морала да црта техничко цртање, па така ја присетивме на тие убави студенски денови и ја замоливме да го направи логото на ММС со коса.
Ако убаво гледате ќе сфатите дека уметноста ја имаме насекаде околу нас, па така и нашата соговорничка своето секојдневие го направи да биде поразлично и покреативно. А целата приказна за цртањето со коса почнала пре неколку години.
– Идејата да нацртам нешто со коса се појави сама од себе од истата причина што јас уметност гледам во се. Го видов Новак Ѓоковиќ на Инстаграм нацртан, иситнив коса со машинката за стрижење, се спуштив на подот и едноставно го нацртав Новак.Го сликав и го снимив и го објавив на социјалните мрежи…Така започна приказната.
View this post on Instagram
Ми се допадна тоа што го направив, им се допадна и на тие што го видоа, потоа продолжив да цртам и други ликови кои почнав да ги објавувам. Почнаа реакции од луѓето кои ги нацртав, добивав пофални зборови. Ѓоковиќ ја објави мојата снимка на Инстаграм, открива Светлана и објаснува како се чувствувала кога го видела видеото кај светскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.
-Бев среќна, бев возбудена, но и збунета, не ни мислев дека направив нешто специјално, а се случи токму тоа…Се заинтересираа од Новинската агенција Ројтерс, ме снимаа како правам лик од коса, имавме интервју и ја пуштија снимката по светот.Во Австралија, Арапските земји, Америка , Германија, соседните држави, на многу странски портали ја имаше таа снимка. Пишуваа за мене како фризрка од Македонија со уникатен талент, се најдов и на Австралиското шоу, бев гостинка во повеќе телевизии да им раскажам за себе и како ја добив идејата да сликам со коса, раскажува таа.
За да се изработи вакво уметничко дело е потребно е многу време но и материјал. Светлана раскажа колку време и е потребно за да наслика еден портрет, но и открива колку се кае кога мора да го избрише.
View this post on Instagram
-За да изработам еден портрет потребни ми се три часа и доста енергија бидејќи ги правам наведната врз подот, и многу пати се исправам се одалечувам од портретот за да видам што сум згрешила и се така додека не го доловам ликот.Задоволството е големо исто како секој успешен проект. Потоа сликам за да си го имам, зошто портретот по неколк часа го тргам бидејќи на тој простор работиме.Портретите се со големина од два метри и жално е кога ги растурам, ама морам.Имам направено голем број на портрети и сите се јавни личности. Бидејќи ги објавувам на социјалните мрежи , сакам луѓето да ги препознаат за да можат да коментираат, вели таа.
Позитивни коментари доаѓаат од сите страни, Светлана е пресреќна кога нејзините клиенти се воодушевуваат од нејзиниотт уникатен талент.
-Често пати ги зачувувам портретите за да ги видат наутро кога доаѓаат првите клиенти тие се воодушевуват бидејќи портретот е огромен и е создаде од влакна, открива Светлана и додава дека ова не единствено што го создава, туку таа изработва и други дела и од кои може и да заработува.
-Изработувам и слики од коса, ја лепам косата и добивам повторно уникатно дело. Имам изработено доста такви дела од кои можам да заработам… И имам изработено многу дела за некои луѓе, се разбира по нарачка. Изработувам слики и портрети нацртани со молив, акрил на платно, слики со камчиња, вели таа.
На уникатаната фризерка од Македонија како што светот ја нарекува, најголема желба и е да направи своја изложба и се надева дека од Министерството за култура ќе и помогнат за да ја оствари својата желба.
View this post on Instagram
-Изложба на мојава работа, мојава уметност е нешто што го посакувам и чувствувам за потребно бидејќи ова што го правам е уникатно и ретко и мислам дека ќе пробуди интерес кај луѓето да го видат тоа.Се надевам на поддршка од министерството за култура и стојам на располагање, да ја претставам нашата држава можеби со некоја изложба дома, но и во странство, со мојот уникатен талент како што ја претставив и до сега на начин како што успеав сама, заврши нашата соговорничка.
View this post on Instagram
Весна Петровска