Најдобрата скијачка Јана Атанасовска не добила ваучер од Агенцијата за млади и спорт – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/21 5:21 PM

Најдобрата скијачка Јана Атанасовска не добила ваучер од Агенцијата за млади и спорт

Скијачките клубови реагираат на неправедно делење на ваучерите за спортисти од Агенцијата за млади и спорт, односно се сомневаат дека листата доставена до АМС била променета од страна на Скијачката федерација на Македонија која во моментов ја води потпретседателот Васил Сокле.

Спортисти во скијачки спортови и сноубординг со врвни меѓународни резултати биле оштетени со распределбата на ваучери по сомнителна листа на привременото раководство на СФМ.

„Со ваквата распределба на ваучерите вистинските спортисти се оштетени, а ваучери добиваат клубови кои воопшто немаат никакви спортски активности. Клубовите кои на минатогодишното рангирање беа меѓу првите, сега се девалвирани за сметка на неактивни клубови. Така, на пример, клубот Спартак и клубот Работнички, иако немаат никакви активности, добиваат ваучери, за сметка на други клубови со млади спортисти кои активно работат и постигнуваат значајни резултати и кои се оштетени. На листата на ваучери не се наоѓа Јана Атанасовска, една од нашите најдобри млади спортистки со врвни резултати на повеќе меѓународни натпревари. До почетокот на скијачката сезона 2020-2021 година, Атанасовска има освоено повеќе од 70 медали и пехари на различни меѓународни натпревари и ги исполнува сите критериуми да добие ваучер, но од непознати причини е тргната од листата. За да ги заштитиме младите спортисти кои работат со огромен ентузијазам и труд и заслужуваат поддршка од државата и од СФМ, веќе е поднесен приговор за ваквата распределба на ваучерите и известена е Агенцијата за млади и спорт“, стои во соопштението.