Копнените граници на Грција затворени до 8 март – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/21 12:28 PM

Копнените граници на Грција затворени до 8 март

Грчката влада ја продолжи одлуката за ограничување на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји до 8 март 2021 година.

Станува збор за мерките што веќе 11 месеци се продолжуваат, а новата одлука за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, за забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ за да се ограничи ширењето на коровирусот синоќа беше објавена во Службен весник на Грција, а од утре во 6 часот наутро стапува во сила.

За странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку граничниот премин Промахонас (Кулата) во Бугарија и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од рапид тестот направен на влезот во Грција.

Од останатите гранични премини што се отворени, односно Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти.

Отворените гранични премини работат од 7 до 23 часот, а забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

Во однос на камионите за транспорт на стоки, отворени се седум гранични премини, четири со Бугарија, и по еден со Турција, Северна Македонија и Албанија, а за возачите не важи задолжителната потврда за негативен ПЦР тест.

Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија“, објави МИА.

Исклучок, како и досега се државјаните на земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и жителите на Австралија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Сингапур, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија и Израел.

За сите оние за кои е дозволен влез во Грција, освен негативен ПЦР тест, потребно е да го имаат пополнето и специјалниот формулар PLF (Passenger Locator Form), а задолжителен е и седумдневен домашен карантин.