Северна Македонија е стабилна земја, посветени сме да стане членка на ЕУ, смета јапонскиот амбасадор Савада – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/21 10:02 AM

Северна Македонија е стабилна земја, посветени сме да стане членка на ЕУ, смета јапонскиот амбасадор Савада

„Немам сомнеж во стабилноста на Северна Македонија и сум голем оптимист во однос на процесот на проширување на Европската Унија. Јапонија е силно посветена на поддршката за Северна Македонија да стане членка на ЕУ„ потенцираше новиот јапонски амбасадор во земјава, Хиронори Савада во интервју за МИА, одговарајќи на прашањето дали Јапонија гледа стабилност во Северна Македонија, во смисол на инвестирање во земјава.

Амбасадорот Савада нагласи дека во таа насока е воспоставена и Иницијативата за соработка со Западен Балкан, која најпрво промовира билатерални дијалози на високо ниво и политичка консултација, потоа поддршка за земјите на Западен Балкан преку економска соработка, охрабрување и поддршка на јапонските приватни компании да инвестираат и за поголема трговија за одржлив развој во регионот.

-Со цел да го реализираме овие концепти, ја отворивме Амбасадата во Северна Македонија. Сакам повеќе да промовирам политички дијалог и билатерални консултации за да ги дефинираме приоритетите и да го зајакнеме нашето стратешко партнерство. Се надевам дека може да се остварат наскоро, штом заврши пандемијата со Ковид-19 и тоа годинава, нагласи Савада во интервјуто за МИА.

Јапонија во ист ден со Северна Македонија ја почна вакцинацијата против Ковид-19.. Тој посочи дека над четири милиони здравствени работници во Јапонија се во првата приоритетна група, потоа следуваат 36 милиони луѓе кои имаат повеќе од 65 години. Следни за вакцинација се хронично болните, возрасната група од 60 до 64 години, а потоа и сите други јапонски граѓани. Јапонската Владата, нагласи Савада, очекува дека сите граѓани ќе бидат вакцинирани до крајот на годината.

Савада истакна дека Јапонија е одлучна да ги организира Олимпијадата и Параолимпијадата ова лето, со што, како што потенцира ќе му покаже на светот дека Ковид-19 е победен.

-Спортистите од Северна Македонија се добредојдени на Олимпијадата во Јапонија. Во пресрет на игрите, соработката меѓу Северна Македонија и градот Чигасаки во префектурата Канагава во Јапонија (домаќинот на Северна Македонија) е воспоставена и се развива, истакна јапонскиот амбасадор во интервјуто за МИА.

фото: Twitter