Во вториот натпревар од 25-то коло во Премиер Лигата, Челзи не успеа да ја продолжи добрата резултатска серија на „Сент Мерис“ и да го совлада тимот кој до денес напладне на шест натпревари последователно не знаеше за бодови.
Со мислите во Букурешт, недоволно агресивна и енергична, екипата на Томас Тухел пружи просечна партија на гостувањето на југот на Англија. По додавањето на Нејтан Редмонд во 33-та минута, фудбалерот на позајмица од Ливерпул, Такуми Минамино, ја искористи слабата координираност на дефанзивците на „сините“ Курт Зума и Цезар Азпиликуета и ја „протна“ топката во мрежата на Менди,
На стартот на второто полувреме германскиот стратег го внесе во игра Калум Хадсон-Одои на местото на Тами Абрахам, а веќе во 54-тата минута Дени Ингс несмасно го фаулираше Мејсон Маунт во својот шеснаесетник. Маунт не го испочитува непишаното правило „не шутира пенал оној кој го изнудил“ и од 11 метри го испрати МекКарти на спротивната страна.
Оттогаш Челзи вложи минимални напори за остварување на целосен пресврт. Триесет минути откако влезе во игра, Хадсон-Одои беше повлечен за сметка на Хаким Зијеш. Крајниот резултат остана непроменет од 54-тата минута.
Селекцијата на одредени играчи и чудната, но и заслужена реакција при ставањето во игра на Хаким Зијеш, ја предизвика фудбалската јавност да адресира „зошто“ до поранешниот тренер на ПСЖ и Борусија Дортмунд. Тухел изјави дека не бил задоволен од Хадсон-Одои и неговата игра на противничката половина во контра-пресингот, но додаде и дека тој е на кормилото на Челзи за да победува, а не да ставам скапи играчи да играат заедно по секоја цена.
-Го ставив Хадсон-Одои во игра, но не бев задоволен од неговото однесување, енергија, контра-пресинг. Јас од моите играчи барам стопроцентна посветеност. Калум на овој натпревар не го пружи тоа. Тоа беше тешка одлука, ама утре е нов ден и постојат шанси повторно да заигра против Атлетико Мадрид. Сите мора да разберат дека јас носам одлуки со цел да победувам. Нема провлем во тоа што тој имал лош ден и правел грешки. На крајот од денот, мојата работа е да победувам на секој натпревар, а не да ставам скапи играчи да играат заедно, изјави Тухел непосредно по завршувањето на двобојот со Саутемптон.
Челзи со овој бод останува на четвртата позиција на табелата пред Вест Хем и Ливерпул со 43 освоени поени, но и натпревар повеќе од своите конкуренти.
Фото:
Тwitter / @ChelseaFC