Новата модуларна ковид болница во Велес ќе профункционира идната недела откако ќе биде опремена и со соодветна апаратура, најави при денешната посета министерот за здравство Венко Филипче.
Болницата, која е на површина од 700 метри квадратни располага со 47 кревети. Првично таа ќе биде наменета за ковид – центар, а понатаму ќе се користи и за итни пациенти и за тријажа, бидејќи овие ковид – центри се опремени со најмодерна опрема во дел на лабараторија и рендген дијагностика и во делот на ЕХО дијагностика со сите потребни сонди за каков било ултразвучен преглед. Ковид болницата ја градеше велешки „Брако” со средства од Министерството за здравство, а комуналиите се финансирани од Општина Велес.
– За многу градови овие модуларни болници значат обновување на болничкиот капацитет после повеќе децении. И во Велес е поставена во непосредна близина на Инфективното одделение за кое се планираше реконструкција, но тие планови запреа токму поради ковид кризата, појасни Филипче.
Додаде дека над 10 илјади метри квадратни нови болнички капацитети се веќе поставени или се во завршна фаза како модуларни објекти во повеќе градови во земјава. Некои веќе се користат, а некои за кратко време ќе бидат ставени во функција.
Тој информира дека во разговори со директорот на болницата во Велес заклучиле дека веќе две години во оваа болница на граѓаните од поширокиот регион им се пружа добра услуга и од Ортопедијата, специјалност која навистина заживеала во Велешката болница и сега пациентите за тие потреби не треба да одат во Клиниката во Скопје.
– Потребно е уште мало зајакнување само во делот на опремата, најави Филипче.
Тој информира дека веќе се започнати разговори за спојување на Општата болница во Велес со Здравствениот дом по примерот во други градови.
– Предноста би била во намалување на администрацијата и административните трошоци во рационализирањето на службата за Итна медицинска помош, максималната искористеност на сите возила кои сега припаѓаат на две институции. Секако тоа е и бенифит за вработените за да можат да дежураат во делот на болницата и дел од лекарите од болницата посебно младите општи лекари да можат да работат во службата за Итна медицинска помош. Тоа е систем кој таму каде што го имплеметиравме веќе заживеа и дава одлични резултати и сето тоа во интерес на пациентите, појасни министерот Филипче.