Бројот на заболени од Ковид-19 и на хоспитализирани дневно во земјава се зголемува. Вчера беа регистрирани 415 нови случаи, завчера 373, а ден пред тоа 347.
Расте и бројот на хоспитализирани со Ковид-19. Нивниот број на инфективните оддели во земјава изнесува 636 од кои 261 во Скопје, а завчера тој број изнесуваше 616… Според вчера објавените податоци за изминати 24 часа регистрирани се и 19 починати и 244 оздравени пациенти.
Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 98.584, бројот на оздравени е 89.022, на починати е 3.037, а на активни случаи изнесува 6.525.
Единствениот начин за справување со вирусот е вакцинација. Таа во државава почна на 17 февруари во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Министерството за здравство вчера изутрина соопшти дека за два дена се вакцинирани 453 здравствени работници кои работат во ковид – центрите во државава. Министерот за здравство Венко Филипче вчера попладне ја посети модуларната болница на Инфективната клиника по што на својот ФБ профил напиша дека вчера до 17 часот се вакцинирани 199 здравствени работници.
Имунизацијата на медицинските работници се одвива непречено и со полн капацитет. Во модуларната болница се поставени шест вакцинални позиции и се работи во две смени од 8 часот наутро до 20 часот од понеделник до сабота, информираа од Министерството.
Во тек е првата фаза од имунизација во земјава, а во меѓувреме се одвива пријавувањето на веб страницата vakcinacija.mk, како и преку матичен лекар за сите граѓани над 70 – годишна возраст за кои вакцинацијата почнува веднаш после здравствените работници опфатени во првата фаза.
Досега на веб страницата 58.500 граѓани се пријавиле за вакцинација, а преку матичен лекар 32.917 граѓани на возраст од над 70 години.