„Едно општество за сите“ или „Општество на рамноправни етнички заедници“ што ќе донесе етничката припадност во личните карти ?! – ММС
ММС

Објавено на: 02/19/21 7:33 PM

„Едно општество за сите“ или „Општество на рамноправни етнички заедници“ што ќе донесе етничката припадност во личните карти ?!

Различни ставови по прашањето етничката припадност да стои во новите лични карти.

Предлогот беше поднесен од минатиот собраниски состав, од страна на политичката партија БЕСА, но не стигна да влезе во собраниска процедура бидејќи парламентот се распушти поради предвремените парламентарни избори. Предлог-измените беа поднесени по скратена постапка.

Договор на претходната Влада со БЕСА за тоа во личната карта да стои етничката припадност имаше и пред донесувањето на уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор.

Тогаш Владата излезе со соопштение дека е постигнат договор со кој се надминати разликите, и потврди дека државјанството е македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија, при тоа е прифатен амандман на Уставниот закон со кој се потврдува државјанството и се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик, и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно. Дополнително во законот за лична карта ќе се впише и етничката припадност на граѓаните.

Тито Петковски, претседател на НСДП, чиј партија е дел од коалицијата на СДСМ вели дека ова е единствената точка по која досега се усогласиле Заев и Мицкоски, а тоа го толкува како причина да се задржат коалициите.

„Тие не најдоа заеднички јазик ниту за државните интереси, ниту за НАТО, Европската Унија, пандемијата, ниту за прашања од државен интерес, меѓутоа овде за чудо се усогласија. Јас тоа го толкувам  единствено како Заев да не ги изгуби ДУИ и БЕСА неопходни за коалиција, а Мицкоски да ги придобие Алијанса за Албанците и Алтернатива. Малку изгледа шеговито, но навистина ми изгледа така. Алијанса и Алтернатива вршат влијание кај Мицкоски, а ДУИ и БЕСА кај Заев се разбира за единствен интерес ако може да се направи да се сочува оваа коалиција и ако може да се направи некоја нова коалиција за следните избори “, рече Петрковски, и додаде дека јакнењето на етничкиот суверенитет кој сега се прави со додавање на етничката припадност во личните карти на местото на граѓанскиот суверенитет го прави македонското општество еден конгломерат на етнички заедници, а не во општетсво на суверени, рамноправни граѓани без оглед на етничката припадност.

„Ако се оди понатаму во етнизација на македонското општество, навистина ќе имаме сериозен проблем. Тогаш етничко станува на прво место, а човекот кој што е ставен во центарот на вниманието на нашиот Устав, ќе биде второстепен. Тоа не е добар потег и особено што Македонија се определи еве на овие избори  и победи со програмата за „Едно општетсво за сите“. Ова е натамошна сегментација на македонското општество на етничка основа и наместо да градиме општество на рамноправни граѓани, ние ќе гради општетсво на рамноправни етнички заедници“, рече претседателот на НСДП, Тито Петковски.

Алијанса за Албанците и Алтернатива како коалиција се потпишуваат како предлагачи  на измените на Законот за лична карта. Зијадин Села вели дека ова датира уште од времето кога требало да се донесе Преспанскиот договор, кога тие како партија не се сложувале и се уште не се сложуваат во делот за државјанство да стои македонец/ граѓанин на Република Северна Македонија.

„Тогаш во тој период имавме амадман со кој предлагавме државјанството да биде името на државата, Северна Република Македонија. Бидејќи не е во ред во едно мултиетничко општетсво и држава на некој да му се импонира со сила етничко потекло или да се нарекува со тоа што тој не е. Во тоа време имаше преговори да се направи двотретинско мнозинство за да се усвојат уставните измени, на тогашната средба што ја имав со тогашниот и сегашниот премиер, господинот Заев, два или три наши амадмани беа прифатени. Амадманот што се однесуваше за државјанството Заев побара од мене, бидејќи во тоа време го имавме заедно со движењето БЕСА во тоа време опозиција нешто да им даде на движењето БЕСА за да и тие гласаат за уставните измени“,  изјави Села, кој потенцираше дека во тој период на БЕСА и било ветено дека ќе биде прифатен нивниот предлог, но како што вели Села премиерот Заев не си стоел на зборот.

„Низ процесот ги изманипулира и од движењето БЕСА и наместо да имаме уставни измени и да се прифати амандманот во делот на државјанството, да стои името на државата, тие потпишаа некој договор со движењето БЕСА дека тоа ќе биде регулирано со измените и етничката припадност ќе стои во личните карти. Се надевам дека ова нема да биде четвртиот пат со кој ќе се изманипулира. Кога беа измените со законот за јавното обвинителство и тогаш со исто ветување движењето БЕСА гласаше за измените, секогаш кога се бараа гласови. Се надевам дека ова нема да биде четвртиот пат и ќе помине етничката припадност да стои во личните карти на секој граѓанин на секоја етничка заедница каде што припаѓа“, изјави претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

„Овој предлог сега може само да не уназади и да се зголеми нетолеранцијата“, смета Ашмет Елезовски од Националниот ромски центар.

„Наш став е ако јас живеам во држава во која сум роден јас не сакам во мојот документ да пишува што сум, кој сум. Тоа во матична книга на родени си пишува точно. Едноставно Националниот ромски центар не е за поддржување на овој предлог. Ние сакаме да останеме на она што бевме, не сме за запишување на етничка припадност. Зошто и вака некој може да биде дискриминиран, а и кога ќе биде запишан четири пати повеќе може да има проблеми во понатамошниот свој развој на своите деца, семејство. Мислам дека во која земја си роден и живееше во личниот документ, лична карта или пасош најдобро е ја пишува земјата во која живееше“, смета Елезовски.

Изминатата недела со свој став излезе и претседателот на државата Стево Пендаровски кој лично не се согласува етничката припадност да биде во личните карти, но дека ќе го потпише указот доколку имените на Законот се изгласаат.

„Ако владејачката коалиција се договори, ако има мнозинство и ако законот биде донесен во регуларна постапка, јас немам многу големи аргументи контра таквиот став за да не потпишам указ. Но, лично не се согласувам етничката припадност да биде во личните карти“, вели Пендаровски.

Лидерот пак на опозицијата Христијан Мицкоски го повика премиерот Зоран Заев ако навистина сака етничката припадност да биде во личните карти, Владата да достави закон со европско знаменце до Парламентот.

„Ние инсистираме во личните карти да стои мојата национална припадност, дека сум дел од македонскиот народ, инсистираме тоа да е во патните исправи. И ако навистина Зоран Заев сака тоа да го направи, инаку досега над сто пати брутално го прекрши правилото за користење на европското знаменце, еве зошто тоа сега не го направи и да го достави во рамките на Собранието со европско знаменце, за да можам јас да се идентификувам како Македонец. Еве зошто тоа не го направи, ако има навистина толку голема желба“, рече Мицкоски.

Логично е понекогаш да имаме различни ставови со претседателот за некои прашања иако веруваме во исти вредности и добор е што претседателот ќе испочитува ако мнозинството одлучи и го донесе законот, изјави премиерот Зоран Заев кога беше праша како ќе ја искоментира изјавата на претседателот.

„Убавината на луѓе кои веруваме во исти вредности е што за одредени аспекти сме различни, и тоа е многу логично. Сепак претседателот е прв во државата за мене ова е вредно за внимание, секако на првиот состанок ќе разговараме за аргументациите. Знаете дека ова произлезе од еден сериозен процес кога се случуваа уставните промени, тогаш серозната политичка партија БЕСА, тогаш ги дадоа своите аргументации. И тогаш како тогашна Влада јавно објавивме дека е ова прифатливо, и е во духот на Преспанскиот договор. Личната карта е документ за идентификација, а во мултиетничкото општество кога помалите етнички заедници се гласни ние не смееме да останеме неми и да не бидеме реактивни“, рече премиерот Заев.

Од Владата како институција имаат поинаков став односно се против етничката припадност да биде пишана во личните карти, за разлика од ставот на премиерот Заев кој го истакна својот политички став.

„Да, таков заклучок донесе Владата, но во меѓувреме се појави и предлог за вметнување на етничката припадност во личните карти. Премиерот веќе го соопшти политичкиот став дека вакви предлози имаат поддршка затоа што сме мултиетничка држава. Северна Македонија треба да биде горда на Уставот од каде извира мултиетничкото општество. Во таа насока не треба да постојат дилеми, зашто етничката разноликост на земјава не направи препознатливи во светот и сме пример за соживот и за поразвиените држави. Уставното име на државата е Република Северна Македонија и секако дека ќе стои во личните документи. Бидејќи предлог законското решение е веќе во собраниска процедура, евентулани амадмански интревенции и прилагодувања остануваат на политичките партии претставени во Собранието“, велат во дописот испратен од Владата на Република Северна Македонија.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека главната ЕУ регулатива кога станува збор за ова прашање е општата регулатива за заштита на лични податоци, што го забранува споделувањето на лични податоци како расна и етничка припадност, како и политичка и верска припадност.

„Во Европската Унија, личните карти во моментов се сеуште регулирани од страна на земјите членки, но регулативата што ја споменав, што ги содржи првите правила кои се однесуваат на овие документи на ниво на Унијата, ќе стапи на сила во август 2021“, рече Гир.

Додаде дека усогласувањето на законодавството на земјава со правилата и стандардите на ЕУ е важен процес и оти ЕУ отсекогаш ја охрабрувала Северна Македонија да постигне напредок на ова поле затоа што, посочи, ова е едно од првите работи што би се оценувале при почетокот на проговорите.

Г.Д