Русија пресилна за македонските кошаркари, шансите за Еуробаскет 2022 се минимални – ММС
ММС

Објавено на: 02/19/21 6:14 PM

Русија пресилна за македонските кошаркари, шансите за Еуробаскет 2022 се минимални

Македонската кошаркарска репрезентација денес во Перм го доживеа четвртиот пораз (77:94) во квалификациите за Европското првенство во 2022 година.

Русија се чини дека беше преголем залак за момците предводени од Александар Тодоров, кои за жал не ја повторија истата партија од претходниот ден против „Аѕурите“. Црвено-жолтите беа егал само во првите десет минути од двобојот. Индиспонираноста и недостатокот на енергија се гледаа „со голо око“, а впечатокот е дека Италија и ментално и физички ги исцрпи нашите кошаркари.

Во првата четвртина Русите отидоа со пет поени водство од 26:21. Стартот на втората четвртина инстантно даде до знаење во која насока ќе се движи текот на натпреварот. Серијата од „плус 10“ му донесе на Русија двоцифрена предност, а за разиграните Боломбој, Антонов и Комолов, одбраната на Македонија немаше решение.

 

Со 51:33, двете репрезентации отидоа во соблекувалните. Селекцијата на Русија не дозволи изненадување, иако во третата четвртина Македонија се консолидираше и преку Вајли и Војдан Стојановски се избори за нерешени 21:21 во тој период. Последните десет минути опонентот на Македонија играше „алиби игра“, колку да се доигра, а токму во тој период окончавме 23:22.

Лошата игра под кошевите, односно одличниот учинок на Русите (24 скокови), но и повеќе од солидниот учинок за шут за два поени (61,5 отсто), претставуваа причинители за поразот на некогашната четвртопласирана репрезентација во Европа.

Војдан Стојановски со 18 поени и една асистенции, а Џејкоб Вајли со 18 поени и три асистенции водечки беа на листата на стрелци кај поразените, додека Боломбој со 19 поени и три асистенции, како и Антонов со 13 поени и четири асистенции, предначеа на скорерскиот список кај Русите.

Утре македонската кошаркарска репрезентација ќе одмара во Перм, а задутре повторно ќе ги вкрсти копјата со Италија.