Сервисна улица на кејот на реката Вардар ќе може да се користи за сериозно ограничен број на возила, во временскиот период од 8:00 до 9:00 и од 14:00 до 17:00 часот. Ова денеска го изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на почетокот на партерното уредување на кејот „13 Ноември“, на потегот од Градскиот плоштад, од зградата на Телеком до улицата „Стив Наумов“, на излезот кај хотелот „Холидеј Ин“.
-Заедно на овој простор предвидуваме и усогласено решение со луѓето кои овде имаат бизнис, тоа се угоститетелите со цел целиот простор да добие нов квалитет и нов изглед онака како што заслужува нашето Скопје, нагласи Шилегов.
Терасите, како што рече, кои ќе ги користат угостителските објекти ќе бидат унифицирани и ќе бидат поставени на начин кој ќе овозможи да дојде до израз дрворедот што го имаме на кејот од повеќегодишни дрвја. Дотурот на роба ќе се овозможи исклучиво во определени часови, преку Градскиот трговски центар, а со велосипеди преку кејот „13 Ноември“.
Шилегов нагласи дека конечно се спречува самоволието и хаосот на непрописно паркирани возила кои, како како што рече, последните десетина години го правеше небезбедно и движењето на пешаците и работењето на угостителските објекти.
Премиерот Заев во изјавата за медиумите истакна дека реконструкцијата која на кејот на градот ќе му го даде обележјето на секој поголем европски град кој се развива покрај реките и во кој бреговите се негуваат како јавни површини во кое првенствено место имаат граѓаните, зеленилото и непречената комуникација со сите други содржини на градот.
Заев додаде дека е посебно значајно што предностите на оваа реконструкција ги прифатија и сопствениците на угостителските локали на кејот и што тие лично ќе направат демонтажа на летните тераси за да се овозможи непречено извршување на работите.
„Тоа ми потврдува дека и тие, како и сите граѓани на Скопје и градските власти, ја препознаа дополнителната вредност на овој проект: Модерно уредениот кеј ќе ја зголеми фреквенцијата на посетители и ќе поттикне поголем број туристичка раздвиженост на кејот, а тоа значи и повеќе гости во рестораните“, нагласи претседателот на Владата Заев.
Проектот за партерното уредување на кејот „13 Ноември“ е вреден 88,6 милиони денари со вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени од буџетот на Град Скопје. Рокот за изведување на проектот е четири месеци.
Се работи за површина од 12500 метри квадратни, која ќе го поврзе Плоштадот со улицата „Стив Наумов“. Предвидено е ново поплочување, патека за лица со инвалидност, дрворед, ќе бидат поставени клупи, нова урбана опрема, смарт-клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери, канделабри, рефлектори за осветлување… Шилегов додаде ќе бидат ослободени повеќе места за велоспиедисти и за пешаците