Наташа Мијатовиќ или позната како Мијата е дама која е исклучително талентирана , ведра и борбена. Таа поседува еден од најмоќните гласови кои се појавиле на нашата музичка сцена.
Како и многумина во нашата земја кои беа заразени со короната, така и Наташа помина низ тој новонастанат трауматичен период. Мијата ни раскажа како ја пребродила короната, и колку се плашела за себе и за нејзиното семејство. Мијата, за среќа ги надмина проблемите со короната, а тоа ја испирираше да напише неколку стихови со кои го создаде нејзиното дело „Маска“.
Како се чувствуваш откако ја прележа короната, полесно ли се дише, сега кога знаеш дека си заштитена барем неколку месеци?
-Ми требаше еден месец и половина да се вратам во своја кожа. Дефинитивно ме измести короната ама искрена да бидам драго ми е што поминав на редот. Некако верувам дека природно стекнатиот имунитет ќе трае многу повеќе од само неколку месеци, ама ќе видиме. Сите сме во иста каша – заморчиња во нечиј експеримент. Јас бев со висока температура (39) преку десет дена ама со мирни Д-Димери. Тоа сценарио. Имав еден ден критичен ден, мислам петиот, кога за момент се посомневав во својот имунитет дали ќе излезе на крај со оваа новокомпонирана болест, и дури една ноќ завршив на инфузија. Тогаш проработи мојата воинствена природа и буквално си ветив себе си дека нема да дозволам да ме совлада болеста ниту физички, а уште помалку психички.
Се исплаши ли во еден момент за тебе, но и за твоето семејство?
– Прв пат во живот се случи да сме болни во исто време и јас и сопругот, а тоа беше шокантно за нашите деца. Сите околу нас се трудеа да ни помогнат, мајки, роднини, комшии, но тоа е едноставно искуство што мора секој да го помине засебно. Овој вирус ти ги вади на површина сите слабости.
Дали искуството со короната те инспирираше да ја направиш „Маска“?
– „Маска“ почнав да ја создавам уште во летниот период. Во тој период блиски мои веќе беа афектирани од болеста. Но, короната е само тригер за да испливаат сите наши мисли на површина. Верувам дека многумина поминаа низ една состојба во 2020 која би ја нарекла будење – не знам уште колку време ќе сум жива за да си го дозволам луксузот да живеам туѓи животи. Оваа песна е компјутерска томографија на моите мисли кои тлееле веќе подолго време. Во песната сакам да ја користам маската како средство да се прикријам и да се претопам во сивилото што ме опкружува, но тое е невозможно.
Во „Маска“ пееш дека си родена за повредни нешта, па кои се тие?
– Родена сум да бидам слободна, среќна личност и одговорна за секој свој избор, а не да ми вика општеството „таа професија не е за жена“ или „нема леб од тоа“ или „чудна си со тие твои феминистички ставови“. Животот е како бунар, колку подолго јаже имаш на кофата, толку почиста вода ќе пиеш.
Која е пораката која ја испраќаш преку „Маска“?
– Душата нема пол! Тоа е вистинската порака на „Маска“. Во спотот има една сцена кога танчерките ги фрлаат маските од лицето. Ама маските се намерно дизајнирани да личат на заштитни мрежи што им ги ставаат на кучињата да не касаат. Па чинот на фрлање на мрежите е ослободување на македонската жена од патријахалниот калап на нашето општество.
Кој работеше на песната и на спотот?
– „Маска“ е мое кантавторско дело (музика и текст) а за аранжман, продукција и придружни вокали соработував со Дамир Пух и Наташа Миха. Видеото го снимаа Сашо Доковски и Тони Стојановски во Пролајт студио, анимацијата беше на Давор Вуковиќ, танчерките се од Dancers United студиото за танц од Скопје со нивната кореографка Сара Кочан. Костимите ги изработи Гордана Божиновска,шминка Златица Поповска и Игор Петрески, монтажата и постпродукцијата се на Били Д. од Artistic Production, а јас се потпишувам и како режисер на спотот за „Маска“.
Што следно да очекува публиката од тебе, имаш ли други планови поврзани со музиката?
– Се снима мојот втор албум во GreenRoom Sound Studio во Скопје кај Дамир и Наташа. И во текот на оваа година ќе има уште неколку синглови кои се надевам дека ќе бидат крунисани со концертна промоција на албумот. Ама ќе видиме. Короната барем не’ научи да не ги земаме плановите здраво за готово.
Весна Петровска