Осудениот за убиство на Мартин Нешкоски, Игор Спасов е на лекување поради дијагностицирање на влошена здравствена состојба и треба да се врати на издржување на казната на 6 август годинава во КПД Идризово.
„Поради сомневање за влошување на здравствената состојба, на барање на КПД Идризово, по претходно доставена молба од осудениот и приложена медицинска документација, на осудениот му се одобрува прекинот на казната од 22.06.2018 до 07.07.2018 година. Во медицинскиот наод е наведено дека актуелната здравствена состојба кај осуденото лице се следи суспектен наод на липоматозна туморозна формација која дијагностички треба да се потврди, а заради која прекинот на казната е одобрен – соопшти Управата за извршување санкции при Министерството за правда.
На 5-ти јули годинава, Основниот суд Штип го известил КПД Идризово дека на барање на осудениот, на истиот му се продолжува прекинот на казната, и тој ќе се врати на доиздржување на казна затвор во КПД Идризово на 6 август годинава.
– Барањата на осудените лица или на казнено-поправните установи кои се однесуваат на влошена здравствена состојба или потреба од клинички испитувања, се предмет на одобрување на прекин на казната од страна на Управата за извршување на санкциите и надлежните судови. Прекинот на издржување на казната не се засметува во издржаниот дел на казната – се вели во соопштението.