Во минатото за име на улица во Скопје се ставаше и кој треба, а особено кој не треба и токму тие се таргетите во моето предизборно ветување. Сега работиме на зголемување на регистарот на имиња на улици за Град Скопје. Досега Градот имаше околу 590 имиња за улиците, а ние го зголемивме тој број за нови 570 плус од кои потоа ќе се црпат имињата на улиците, рече вечерва скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
– Градот е традиција. Не можете на скопјани да им кажете ова улица е Аминта, таа била Ленинова од 45-та навака. Не може улицата да биде Јордан Мијалков, таа е Железничка. Од граѓаните разговорно денеска никој не вика Аминта Трети иако тоа име го има десеттина години. Кого и да прашате денеска никој не вели одам на улица Јордан Мијалков, туку на Железничка. Мора да се прилагодите на навиките и традицијата на граѓаните, рече Шилегов во интервју за ТВ Сител.
Постапката за новите имиња во град Скопје, како што истакна, траела повеќе од една година со јавни анкети и повици.
– Сите предлози на граѓаните беа внесени и се дел од овој регистар. Комисијата утре заседава и ќе го заземе дефинитивниот став. Ние создаваме регистар, не именуваме улици. Од тој регистар ќе ги извлекуваме имињата на некои улици што треба да се променат. Комисијата утре ќе заземе дефинитевен став пред најавената седница на Советот на Град Скопје со цел да излеземе со пречистен број на имиња во регистерот, рече Шилегов.
Тоа што е како предлог, потенцира, не значи дека ќе се именува и додаде дека никој не ги праша скопјани пред десет години кога ги преименува улиците, а сега овој процес се држи активен повеќе од една година и секој можеше да понуди имиња за улиците.
Првиот човек на Скопје зборуваше и за променатата на личните документи, при што додаде дека граѓаните нема да треба веднаш да ги сменат и да имаат дополнителни трошоци за тоа.
– Како ќе ви истече рокот на личниот документ, кога ви доаѓа редовната промена на личните документи така ќе ги смените, нема да има никакви санкции за граѓаните, рече Шилегов.
Прашан дали ќе се кандидира за втор мандат на претстојните локални избори, Шилегов рече дека кандидатурата за градоначалник на Скопје ја утврдува СДСМ. Додаде дека ќе ја поднесе својата кандидатура во рамките на партијата, а органите на партијата, како што кажа, ќе одлучат за тоа. Верува дека ќе ја има нивната поддршка како, и поддршката од граѓаните.
MИА