Германија формира Центар за вештачка интелигенција против епидемии – ММС
ММС

Објавено на: 02/18/21 7:50 PM

Германија формира Центар за вештачка интелигенција против епидемии

Институтот „Роберт Кох“ (RKI), кој спроведува студии од областа на заразни болести во Германија, основа Центар за вештачка интелигенција против епидемиите, пренесува Анадолија (АА).

Претседателот на Институтот, Лотар Вилер, за економскиот весник „Ханделсблат“ (Handelsblatt) истакна дека Центарот за вештачка интелигенција, чија изградба започна минатиот месец во градот Вилдау во покраината Брандербург, ќе биде подготвен за користење во рок од неколку месеци.

Наведувајќи дека нивната цел е со технологии базирани на вештачка интелигенција да направат големи извори на податоци достапни за истражување на јавното здравство, Вилер рече дека со Центарот, Институтот „Роберт Кох“ сака посеопфатно да ги анализира епидемиите, подобро да ги пресмета тешкотиите на болестите и да развие системи за рано предупредување.

Вилер истакна дека Институтот ќе ги поврзе податоците собрани во лаборатории со други извори на податоци (извештаи за временските услови, извештаи на платформи за социјални медиуми, како „Твитер“ и „Фејсбук“ или Федералниот завод за статистика), при што рече:

„На овој начин можеме да научиме нешто за вирусите што претходно не сме го знаеле. На пример, се споменуваат нови мутации. Ќе може многу побрзо да пресметаме колку се опасни тие.“

Вилер, наведувајќи дека првично во Центарот ќе вработат 101 научник, рече дека ќе соработуваат со Техничкиот универзитет „Вилдау“.