Се полни кавадаречката болница со Kовид позитивни пациенти – ММС
ММС

Објавено на: 02/18/21 4:58 PM

Се полни кавадаречката болница со Kовид позитивни пациенти

Состојбата со ковид 19 во Кавадарци станува загрижувачка. Секојдневно се зголемува бројот на нови позитивни, а се полни и ковид одделот во кавадаречката болница, каде моментално се хоспитализирани 48 пациенти. Слободни се уште 12 болнички кревети. Денеска заседаваше кризниот штаб на општина Кавадарци, од каде упатија апел до граѓаните да бидат максимално одговорни во своето однесување и да ги почитуваат мерките за заштита.

-Во општина Кавадарци ситуацијата е крајно алармантна. Има 516 активни случаи на заболени од ковид 19.  Се апелира до граѓаните доколку почувствуваат некои од симптомите на ковид 19 веднаш да се јават кај матичен лекар и да се направи навремена изолација. Се задолжуваат угостителските објекти да воведат менаџери на влез и излез при угостителски објекти,  со цел намалување на ширење на вирусот, сооднос на нивните капацитети. Државниот пазарен инспекторат да врши зачестени контроли во угостителските објекти и истите да ги почитуваат протоколите . Полицијата да врши зачестени контроли пред банки, маркети и други  јавни објекти, за да се почитува дистанцата, изјави градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев по седницата на кризниот штаб.

Тој нагласи дека пикот на вирусот во овој момент во Кавадарци е на највисоко ниво досега и вирусот се шири многу брзо. Според него, ако продолжи ваквиот тренд ќе има проблем со капацитет во ковид одделот на болницата во Кавадарци.

Во средина на јануари имаше  само 12 хоспитaлизирани пациенти, но деновиве бројот континуирано се зголемува и сите пациенти се на кислородна поддршка.

Градоначалникот апелираше до граѓаните доколку забележат било какви симптоми кои можат да асоцираат на ковид, веднаш да се обратат кај матичните лекари и да закажат тестирање, бидејќи тестови имало во доволен број.

Јанчев апелираше и до тинејџерите да покажат поголема одговорност,  да ги почитуваат мерките и да избегнуваат масовни групирања.

 

 

 

Ангел Данов