Вработените во медиумите ќе се вакцинираат во втората фаза како дел од виталните институции – ММС
ММС

Објавено на: 02/18/21 4:27 PM

Вработените во медиумите ќе се вакцинираат во втората фаза како дел од виталните институции

Согласно Националниот план за КОВИД-19 вакцинација, новинарите и медиумските работници веќе се опфатени во втората фаза за имунизација. Тие спаѓаат во делот на категоријата граѓани од витални институции за функционирање на државата, што значи дека новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат веднаш после завршување со вакцинирање на групите кои се предвидени во првата фаза, а за кои вакцинацијата започна вчера и е во тек. Ова го соопшти министерот за здравство, Венко Филипче на денешната средба со претставници на Здружението на новинари на Македонија.

Според него, вакцинацијата за новинарите и медиумските работници од радиодифузерите, печатените и он-лајн медиумите, на целата територија на државата, ќе биде доброволна.

Изготвувањето на списоците на заинтересираните вработени во медиумите за вакцинирање ќе треба да бидат поднесени од секој медиум поединечно, во соработка со ЗНМ, ССНМ и Министерството за здравство. Терминот за вакцинирање на пријавените во медиумите ќе се утврдува согласно протоколите за имунизација на Министерството за здравство, а детали околу постапката за пријавување ќе следи во текот на следните две недели – нагласуваат од Здружението.