Законски ли се премиите што си ги подели Управата на ФФМ – новинарски коментари наспроти проверка на факти – ММС
ММС

Објавено на: 02/18/21 3:26 PM

Законски ли се премиите што си ги подели Управата на ФФМ – новинарски коментари наспроти проверка на факти

Осуда и коментари во прилог на листата со поделените премии на сите членови на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објавија повеќе македонски медиуми. Овие текстови информираат  дека Управниот одбор, по успехот на фудбалска репрезентација  си подели рамноправно по 20.000 евра, вклучувајќи ги претседателот, потпретседателот и генералниот секретар. „Сејдини и членовите на УО на ФФМ си поделиле премија од 300.000 евра за пласманот на ЕП“, е само еден од насловите.

Обично за спортски успех премија добиваат спортистите, но во случајот на ФФМ се почастија и оние кои седат на фотелјите“, забележува авторот на почетокот.

Краткиот текст го завршува коментаторски:

Наместо парите да се вложат во подобрување на условите во македонскиот фудбал, ФФМ делеше премии на кој стигне во федерацијата“.

Ова е само еден пример на известување, каде пласирањето на фактот, без проверка на позадинските информации, пред се’ околу законитоста на поделбата на премиите, го прави новинарскиот текст сензационалистички.

Во Кодексот на новинари во член 1 се вели:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

Пишувањето на текст не е само просто пренесување на веќе објавен принт скрин од документ со новинарски коментар, туку основа за натамошни барања на одговорите. Спред тоа,овде ги разоткриеме фактите, базирани на официјалните документи усвоени од ФФМ. На ова укажува еден од поранешните функционери во Федерацијата, Љубомир Ѓурчиновски.

Тој алармира дека „наградата која Управниот одбор на ФФМ сам на себе си ја доделил не е во согласност со Правилникот за награди во ФФМ“. Наградите се во надлежност на Собранието на ФФМ, додека во член 109 од Статутот на ФФМ од 2018 година за надлежностите на Управниот одбор, стои дека „УО одлучува за награди, признанија и донации кои не се во надлежност на Собранието“ како и тоа дека „Управниот одбор со посебен акт/одлука утврдува критериуми и начин на доделување на награди и признанија за посебен придонес и развој на фудбалскиот спорт“.

Доколку одлуката за доделување на премија од по 20.000 евра за секој член во Управниот одбор е доделена со одлука на истиот тој Управниот одбор, тогаш се поставува прашањето кога и каде е објавен посебниот акт/ одлука ,каде се утврдени критериумите и начинот на доделување на овие парични средства. Дали сите членови на Управниот одобор требало да бидат наградени ?! Од ФФМ не одговорија на нашето прашање, со образложение дека во јавноста ќе излезат со соопштение.

Според актите на ФФМ, членовите на Управниот одбор, за својата работа добиваат месечен паушал како и бенефиции, како патување со репрезентациите и сместување во хотели според прописи на ФИФА и УЕФА на меѓународни натпревари, бесплатни влезници во ВИП ложа на домашните натпревари како и патни и дневни трошоци за присуство на седници во ФФМ. Додека други награди може да доделува само Собранието на ФФМ како највисок орган на раководење.

Делот од новинарскиот текст со обвинување дека „Управата си дели премии наместо да го унапредува македонскиот фудбал“ се сведува на ниво на коментар без проверка на фактичката состојба.

Како извршно тело во членот 171 од Статутот на ФФМ во делот на финансиското работење, се вели дека  Федерацијата оставрува приходи од УЕФА и ФИФА за реализирање на целите на ФФМ што вклучува, но не ограничува, поттикнување и развој на фудбалските активности, инфраструктурни проекти, администрација и друго.

Оттука произлегува дека ФФМ, немадефинирано стриктна обврска оставрените приходи од УЕФА и ФИФА задолжително да ги вложи во подобрување на условите во македонскиот фудбал. Факт е дека за остварување на целите на ФФМ вклучува, но не ограничува поттикнување и развој на фудбалските активности, инфраструктурни проекти, администрација и друго.

Друго прашање е дали е етички и морално шти Управниот одбор сам на себе си подели премија, за кои се крена медиумска прашина. Тоа е работа и на Етички одбор на ФФМ. Според член 140, Етичкиот одбор е одговорен за мониторирање на работата на фудбалската организација во насока на препознавање на нерегуларности меѓу кои: корупција, обложување, недозволено влијание на текот и исходот на фудбалските натпревари, неморални и неетички активности и методи на работа во фудбалската организација.

Етичкиот одбот може да изрече дисциплински мерки (член 131) на сите субјекти во фудбалската организација, без разлика на степенот и рангот во кој се врши функцијата.
Новинарот во текот на својата работа е должен да прашува, истражува, анализира и проверува фактите. На тој начин ја врши својата јавна функција, да информира, но и да покренува прашања од јавен интерес, изнесувајќи и соменевања за корупција. Принт скрин од документ и коментар во прилог, не одлика на професионалното новинарство.

Фотографија: ФФМ