Американецот со македонски пасош, Џејкоб Вајли, денеска против селекцијата на Италија (15.30) треба да дебитира во дресот на македонската кошаркарска репрезентација.
Тој беше во комбинација за настап и деби за Македонија уште пред крајот на ноември за квалификациите во Талин, но коронавирусот го спречи 26-годишниот кошаркар од државата Вашингтон да заигра.
Членот на шпанска Гран Канарија сега е максимално подготвен за предизвикот во Перм и четирите средби од квалификациите за Евробаскетот.
“Како што забележавте и вие, немавме многу среќа во изминатите два месеци. Затоа се трудиме и работиме напорно. Се подготвувавме да бидеме спремни за овој “прозорец’… Кои се нашите очекувања на турнирот во Русија? Да се бориме, во секој натпревар да влеземе со верба во себе, во своите можности, и во тимската работа. На секој меч да се бориме и да бидеме компетитивни“.
Американецот со македонски пасош ја потенцира атмосферата во тимот како една од клучните во реализацијата на потцртаните планови. Но и еден друг, исто така, важен момент:
„Не е тоа отсега, и порано, кога бев со тимот, имавме навистина добра хемија. Момците играат долго време заедно, згора на тоа и на едно професионално ниво. Мора да го истакнам и тоа, дека сум навистина импресиониран со младите момци во тимот, нивниот развој во однос на овие последни два месеци, и што го гледам сега додека сме на тренинзите заедно. Што се однесува лично до мене, се трудам, и настојувам да се ‘пронајдам’ себеси во оваа група на играчи. Мислам дека го правам тоа колку што можам. Се трудам напорно да успеам во тоа, но и да остварам уште подобра комуникација со соиграчите“.
Вајли смета дека шансите на Македонија да се заигра на Евробаскетот ќе зависат од довербата на кошаркарите.
“Верувам дека имаме талент, дека го имаме тоа за да победиме. да веруваме еден во друг. Ако сме такви, можеме да победиме било кој тим, што ќе биде голема работа за нас“- порачува Вајли пред денешната пресметка со Италија, прва во низата на турнирот во Перм.
Фото и видео: КФСМ