Земјоделските производи скапуваат, Владата се’ уште без решение за заштита на земјоделците погодени од косовските царини – ММС
ММС

Објавено на: 07/24/18 1:43 PM

Земјоделските производи скапуваат, Владата се’ уште без решение за заштита на земјоделците погодени од косовските царини

Државата се’ уште бара решение за да ги заштити земјоделците, чии производи се на нивите и пазарите, наместо да бидат извезени на Косово, откако тамошната Влада донесе одлука царините да се зголемат за 30 проценти.

Проблемот со зголемените царини за извоз на земјоделски производи на Косово е проблем на кој деноноќно работат повеќе министри – тврди министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски додека Владата се уште нема решение за заштита на македонските земјоделци. Тие останаа затечени од одлуката на косовската влада па сега ги бројат штетите од речиси стопираниот извоз.

Во меѓувреме, за ова прашање се дискутира и на денешната владина седница, а министерот Николовски очекува и Владата на Косово да ја преиспита својата одлука во најкус можен рок.

„Косово за Македонија е сериозен трговски партнер и мораме најсериозно, длабински и темелно да работиме. Денес разговаравме со потпретседателката на Владата за европски прашања, а јас сум во комуникација  со министерот за земјоделство. Очекуваме во најкус можен рок оваа одлука да биде преиспитана од косовската Влада. Оваа одлука мора да биде повлечена, сите разговори одат во тој правец. Градејќи ги сите овие односи со нашите соседи, вложувајќи се целосно во овој наметнат проблем сметам дека во следните неколку часа ќе очекуваме нови информации без да бидат загрозени интересите на која било страна. Разговаравме за тоа кои мерки да ги преземеме за заштита на нашите производители. Ќе ги разгледаме сите опции во  однос на штетите кои ги претрпеле нашите земјоделци. Потребни ни се сите податоци и параметри за тоа каде и со кои производи сме загрозени во овие неколку дена“.

Одлуката на косовската Влада од каде тврдат дека мерката е донесена за да ги заштитат своите земјоделци, наиде на осуда кај сите земји од регионот, кои тврдат дека истата се коси со правилата за слободна трговија. Заедничкиот став на ресорните министри од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина би требало да се знае утре, за кога е закажана нивна заедничка средба во Белград.