Со сослушување сведоци на обвинителството, продолжува судењето за Титаник – ММС
ММС

Објавено на: 02/17/21 2:08 PM

Со сослушување сведоци на обвинителството, продолжува судењето за Титаник

Со сослушување повеќе сведоци, предложени од обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за изборни нерегуларности Титаник.

На почетокот беа сослушани повеќе сведоци, кои на прашања од обвинителството рекоа дека не им е познат начинот на финансирање на политичките партии, како и дека никогаш немаат уплатено парични средства во банка како донација за политичка партија.

Потоа сведочеше Верица Ристевска, која во 2014 година работела како благајник во НЛБ банка, која рече дека во експозитурата во Кисела вода дошла поголема толпа луѓе со повеќе уплатници. Сведокот рече дека не се сеќава точно, но дека уплатите биле од 15 до 45-50 илјади денари, како и дека не може да тврди точно, но или биле на име на Коалицијата или на донаторска сметка за ВМРО-ДПМНЕ. Прашана дали тој ден лицата биле идентификувани при уплатата, сведокот рече дека според тогашниот закон немале обврска, ниту можност да ги идентификуваат клиентите. Прашана дали имало случај кога едно лице донело повеќе уплатници, сведокот рече дека во тој период во експозитурата такво нешто немало, но во нејзиното работење имало случаи едно лице да врши повеќе уплати. На прашање од одбраната дали уплатите за кои зборува, сите биле направени согласно закон и правилно, сведокот рече да.

Сведокот Димитар Мицев, кој во 2014 година помагал при менаџирање на ТВ канал Вис, рече дека директно преговарал со политичките партии за отстапување рекламен простор за изборните кампањи на политичките партии на изборите за претседател и вонредни парламентарни избори во 2014 година. Прашан дали по доставување на ценовниците до ДИК разговарал со партиите за цените, сведокот рече да, ги праќавме по меил до сите, а потоа и разговаравме со сите.

– Помеѓу двата изборни круга имав личен контакт со Илија Димовски и со Давор или Далибор, не се сеќавам точно, за промена на цените кои ни се официјално дадени до ДИК. Средбата се случи во локалниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица. Имаш насоки за преговарање за менување на ценовникот за да се откупи законскиот максимален простор од 66,6 проценти за еден медиум, рече сведокот.

Тој појасни, дека после разговорот доброволно го променил ценовникот и, дека затоа имаат два различни ценовници за парламентарни и за претседателски избори во ист период. Одбраната на повеќе пати реагираше дека прашањата на обвинителката Лиле Стефанова се наведувачки и во себе го содржат одговорот, како и дека не се однесуваат на кривично-правниот настан од обвинението, но Судот ги отрфрли и прашањата беа дозволени.

На вкрстено прашање од Илија Димовски, дали евентуалната средба со него се одржала 14 или помалку дена од закажаните парламентарни избори, сведокот рече, дека мисли дека биле и повеќе денови. На прашање од Димовски, дали согласно закон немало горна граница за цени кои го определуваат радиодифузерите, сведокот рече не. Прашан дали и друг пат, при склучување на поголеми договори им биле барани попусти, сведокот рече да. На прашање од одбраната, дали бил вработен во ТВ Вис, сведокот рече не, зошто само помагал на сопственикот, кој е неговиот татко. Сведокот рече дека работел во фирмата Глобал медиа Струмица, пред промена на Законот за концентрација на медиумите, која се бавела со продажба на рекламен простор, но по промена на Законот, веќе е градежна фирма. Прашан, дали може да се заклучи дека во таа кампања вие имате дадено донација и за СДСМ, сведокот рече да.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник” обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.