На селските гробишта во тетовско Непроштено денеска беа погребани посмртните останки на Васко Михајловски, еден од дванаесетте киднапирани Македонци во воениот конфликт во 2001 година. Пред една недела на гробиштата беше погребан и Крсто Гоговски од ова село, кој заедно со Васко и уште двајца нивни соселани пред 17 години на 23 и 24 јули беа киднапирани. Во нивна чест во спомен паркот во Непроштено синоќа беа положени букети цвеќиња, а се одржа и панихида.
Букети свежи цвеќиња положија семејствата, роднините пријателите на киднапираните, но и преставници на здруженија, политички партии и разни организации. Синот на еден од киднапираните, Крсто Гоговски вели дека и понатаму нема да останат рамнодушни, се’ додека не се откријат виновниците на овој грозоморен чин, за кои, како што вели тој, се знае кои се.
Делови од нивните тела заедно со посмртните останки на уште двајца киднапирани Македонци 14 години беа во судска медицина, затоа што нивните семејства одбиваа да ги погребаат под сомнение дека не се работи за нивните најблиски. Остануваат да се пронајдат уште 8 од киднапираните, за кој Војо смета дека држвата знае каде се.
Досега за случајот со киднапираните Македонци никој не е обвинет или осуден, откако во 2011 година беше изгласан Законот за амнестија, преку кој престанаа кривично да се гонат осомничените за киднапирањето на Македонците од тетовскиот крај.