Да се санкционираат сторителите од „Јавна соба“, бараат од платформа за родова еднаквост – ММС
ММС

Објавено на: 02/17/21 11:16 AM

Да се санкционираат сторителите од „Јавна соба“, бараат од платформа за родова еднаквост

Денеска пред зградата на МВР прес конференција одржа платформата за родова еднаквост, кои работат за унапредување на родовата еднаквост.

Организаторките на протестот побараа од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски што побрзо да превземат конкретни мерки за санкционирањето на сторителите на „Јавна соба“.

-Секторот за внатрешна контрола по своето постапување нема волја соодветно да ги истражи случаите, и бара жртвите да докажуваат несоодветно постапување, додека сите доказни средства се во рацете на полицијата. Жените не и веруваат на полицијата и сметаме дека пријавувањето е залудно заради,непостапување, неверување и релативизирање на искуство со насилството, несоодветно нерегистрирање на пријави за насилство како поплаки, прекршочни санкции и опомени за насилниците, наместо документирани и аргументирани кривични пријави. Несоодветно спроведување на забраните за доближување и контактирање на жртвите, што резултира со мотивирано, засилено насилство, често со сериозни последици по здравјето на жртвите, а во голем број на случаи со смрт. Непотизам, корупција и култура на прикривање на пропусти меѓу полициските службеници, поради кои насилниците поминуваат несанкционирано, а жртвите губат верба во системот. Отсуство на санкции за полициските службеници, кои се сторители на насилство, особено кон маргинализирани групи на жени, Ромки, сексуални работнички и други. Очекуваме итна испорака на конкретни резултати по нашите барања до 8-ми март, кои ќе покажат дека конечно превземате мерки и почнувате со нивна реализација. Очекуваме кривичен прогон на сторителите од случајот Јавна соба, и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото производство и дистрибуција на детска порнографија. Очекуваме кривични пријави од МВР против сторителите на Јавна соба за делата: злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем во зависност од околностите на случајот. Очекуваме започнување на процес на прочистување на полицијата од полициски службеници, сторители на насилство врз жени и нивно соодветно санкционирање. Очекуваме донесување фактичка и доследна примена на внатрешна политика за ефикасно санкционирање на сите полициски службеници кои ги повредиле правата на жртвите на родова засновано насилство преку своето непрофесионално постапување или пропуштање да се преземат мерки.Како и контунуирана стручна едукација во случај на родово насилство. Очекуваме иницирање на измени и дополнување во законот за полиција како и правилникот за вршење на полициските работи со воведување на специјални одредби за постапување во случај на родово засновано насилство, велат од платформата за родова еднаквост.

Тие побараа итна испорака на конкретни резултати по барање со рок до 8-ми март, кои ќе покажат дека конечно се преземаат мерки, за унапредување на состојбите, во спротивно ќе излезат на улица на протест.