Денеска вакцинирање на 260 здравствени работници – ММС
ММС

Објавено на: 02/17/21 7:38 AM

Денеска вакцинирање на 260 здравствени работници

Со вакцинација на двајца здравствени работници, денеска во 10 часот во модуларната болница во Скопје ќе почне процесот на имунизација во земјава. Пунктот во модуларната болница ќе има шест вакцинални позиции, кои ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.

Првиот ден е предвидено вакцинирање на 260 здравствени работници, од вкупно 4000-те пријавени за вакцинација. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Министерот Филипче информираше дека во текот на следната недела се очекува да пристигнат и другите дози на вакцини од Србија, а според последните информации од производителот, поради тамошните празници до крај на месецов во земјава треба да пристигнат и кинеските вакцини. Согласно планот, дневно ќе се вакцинираат помеѓу два и четири илјади лица.

Досега над 70 илјади граѓани се пријавиле за вакцинирање, 50 илјади преку онлајн апликацијата, а 23 808 преку матичните лекари преку системот „Мој термин”.

Во земјава пред четири дена од Србија пристигнаа првите 4680 од предвидените 8000 дози вакцини од производителот „Фајзер”. До крајот на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм”.

Пред почетокот на вакцинацијата, Институтот за јавно здравје регистрира зголемен бројот на нови случаи со Ковид-19 во однос на минатата недела. Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 8 до 14 февруари се тестирани вкупно 16.299 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 13,2 отсто во однос на минатата недела, соопшти вчера Министерството за здравство.

Пријавени се 43 смртни случаи од 14 градови, што е за 34,8 отсто помалку во однос на минатата недела.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени” се стекнале 2.519 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 24,2 отсто помалку во споредба со минатата недела.

Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти на вирусот, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на внес на нови случаи на Ковид-19 од странство.

Министерот Филипче смета дека засега не треба да се размислува за други мерки и рестрикции за спречување на ширењето на британскиот сој на Ковид-19 вирусот.

– Иако бројките не се ниски нема драстичен скок, нема голем кластер низ градовите. Ја следиме состојбата во Скопје и другите градови ги следиме како посебни епидемиолошки региони, застапеноста на британскиот сој на вирусот расте, сега е некаде околу 20 отсто, најмногу во Прилеп и Охрид. Во тие центри не приметуваме зголемување на бројот на пациенти. Точно е и тоа е утврдено дека полесно се пренесува, според некои публикации можно е болеста да е полесна, според некои други публикации е потешка, тоа не може се уште со точност да го утврдиме. Кај нас има 30-тина детектирани соеви на вирусот, близу 1000 ширум светот, истакна Филипче.

Во претходното деноноќие, од направени 2275 тестирања регистрирани се 358 нови случаи на коронавирусот, пет починати и 341 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 489.991 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 97.456, бројката на оздравени пациенти е 88.301, на починати е 3.003, а бројот на активни случаи изнесува 6.152. Од активните случаи најмногу се во Скопје – 2767, Кавадарци – 415, Охрид – 367, Прилеп – 332, Куманово – 237, Велес – 235, Тетово – 213, Делчево – 215. Во другите градови има под 200.

На инфективните оддели во земјава се лекуваат 608 пациенти со Ковид-19. Во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 352 пациенти, а во Скопје 257.

Во ГОБ „8 Септември” има вкупно 78 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 91 пациент, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 24 пациенти. На ГАК е хоспитализирана една пациентка. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Во Скопје има околу 90 слободни места во болниците.

Мерките за заштита од Ковид-19 придонесоа за намалување на бројот за заболени и на пациенти од сезонски грип, дури за 94,5 отсто во однос на лани, информираа вчера од Министерството за здравство.

Во сезоната 2020/2021 година вкупниот број заболени од сезонски грип изнесува 539, што е за 92,5 отсто помалку споредено со истиот период лани и 94,5 отсто помалку во однос на типичната сезонска крива, соопшти вчера Министерството за здравство.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во светот во моментов е околу 110 милиони позитивни, починати 2,4 милиони, оздравени 84,5 милиони лица.

МИА