Фудбалскиот клуб „Тетекс” од Тетово во четврток за прв пат од осамостојувањето ќе организира одбележување на годишнина на формирањето на 18 февруари 1953 година. Ќе се одржи ревијален натпревар и уште неколку активности.
– На овој натпревар ќе биде повлечен од употреба дресот со број 4 на ФК „Тетекс”, во чест на легендата на клубот, Бошко Блажевски, кој почина лани. Бошко 12 сезони по ред настапуваше за тетовските бели во 60-тите и 70-тите години на минатиот век. Ревијалниот натпревар симболично ќе биде прекинат во 4-тата минута, ќе има една минута молчење, а потоа дресот со број 4 ќе биде повлечен од теренот и веќе нема да се користи на официјални натпревари на ФК Тетекс. Дресот ќе биде преземен од семејството, но ќе стои во клупските простории, изјави претседателот на клубот Војо Тофиловски.
Ревијалниот дуел ќе се игра на фудбалското игралиште на Агенцијата за млади и спорт со ФК Брегланица од Штип во четврток од 14 часот.
-По завршувањето на натпреварот, односно во 14 часот, ќе следува доделување на благодарници на компании, институции и поединци кои помогнаа во функционирањето на клубот во изминатата година, како и на медиумите. Се надеваме дека ова во иднина ќе прерасне во традиција и секоја година на 18 февруари на пригоден начин ќе го прославуваме роденденот на ФК Тетекс и ќе се им се заблагодариме на оние без кои клубот не би постоел, истакна Тофиловски.
Бошко Блажевски почина на 76 години на 7 септември 2020 година. Блажевски својата кариера ја започнал како средношколец во клуб во Штип, па продолжил една година во ФК „Љуботен” по што околу 15 години го носел дресот на ФК „Тетекс”. Блажевски има работено како тренер и спортски новинар.
Според книгата „Кога Тетексовото фудбалско сонце беше во зенитот” од авторот Владимир Кочоски, посветена на ФК „Тетекс”, на 18 февруари 1953 е одржано основачкото собрание на клубот.
Фото:
sport1.mk