Предупредување од Народната банка: Вложувањето во крипто-валути е високо ризично – ММС
ММС

Објавено на: 02/16/21 11:33 AM

Предупредување од Народната банка: Вложувањето во крипто-валути е високо ризично

 

Крипто-средствата не се законско средство за плаќање во нашата земја, а вложувањето во нив е многу ризично, појаснија од Народната банка.

Според централната банка вложувањата во крипто-валути не се гарантирани и не постои механизам лицата да се обештетат ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот кој издал такво средство.

„Како и во многу други земји, така и кај нас, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата. Вложувањето во крипто-средства се смета за високо ризично. Сите што вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања. Високиот ризик што го преземаат лицата кои вложуваат во крипто-средства произлегува од  исклучително високата променливост на нивната пазарна цена, што значи дека за краток временски период се можни исклучително високи промени во пазарната цена на крипто-средствата. Сите кои вложуваат треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула“, наведува Банката.

При вложувањето во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот.

„Со оглед дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависат од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење имот. Финансиските институции можат да одбијат спроведување платежни трансакции што се поврзани со вложување во крипто-средства, доколку оценат дека таквите трансакции ги изложуваат нив или нивните клиенти на високо ниво на ризик од перење пари или финансирање тероризам“, дополнува Народната банка.