Доколку Мицкоски смета дека ја има поддршката од мнозинството членови тогаш на 28 март, недела, не треба да оди на Водно, туку треба да се појави пред делегатите кои му ја доверија партијата и да даде отчет за сработеното. Вака денеска преку писмено соопштение реагираше иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на партијата ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека 367-те делегати кои гласале за лидерот Мицкоски во Валандово очекуваат тој да објасни во кој правец се движи партијата.
Вонредниот 17 Конгрес закажан на 28 март во Скопје е добра можност за да се отвори поширока дискусија за проблемите со кои се соочуваше партијата и да се зборува за иднината на ВМРО-ДПМНЕ. Вонредниот 17 Конгрес закажан на 28 март во Скопје е добра можност за сплотување на партијата и промени кои ќе донесат нова енергија – велат од одборот нагласувајќи дека на партијата не и’ треба лидер кој бега од сите круцијални одлуки.
На ВМРО-ДПМНЕ не му треба лидер кој се плаши да се соочи со своите сопартијци кои го избрале. Доколку се’ уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски смета дека добро ја извршувал функцијата која му ја делегираа членовите на валандовскиот конгрес, тогаш треба да одвои еден ден и да се соочи со нив – се додава во соопштението.