Манипулација и селективен пристап до јавни податоци во функција на политичка дискредитација – ММС
ММС

Објавено на: 02/16/21 10:42 AM

Манипулација и селективен пристап до јавни податоци во функција на политичка дискредитација

Селективно прикажување на податоци во функција на политичко дискредитирање, содржи текстот објавен на курир.мк, под наслов наслов: „Во 2018 година над 1.600 граѓани се откажале од македонско државјанство, со Заев на власт државата се празни“.
Насловот е коментаторски и несоодветен на содржината на текстот. Во споменатиот текст, низ бројки за наши граѓани, кои побарале испуст од државјанство од 2016 до 2020 година се прави анализа дека секоја година по 1500 граѓани се откажуваат од македонското државјанство и се констатира:
Зоран Заев пред да стане премиер ветуваше дека сите иселени лица од Македонија ќе ги врати во државата, а другите ќе ги задржи. Но, тој не ги задржа граѓаните дома, а другите иселени не ги врати“.
Како илустрација се изнесува број на македонски државјани, кои побарале испуст од државјанство по години:
„…Во 2016 година 1.476 лица се откажуваат од свои државјанства. Во 2017 година 1.526 лица, во 2018 година 1.621 лице, во 2019 година 1.326 лица и во 2020 година 1.240 лица добиле отпуст од државјанство на Македонија“.
Авторот се повикува на официјалните бројки од надлежното Министерство за внатрешни работи (МВР), кои ги зел селективно. МВР објавува податоци за периодот од 2010 до 2020 година, како преглед на изминатите десет години, меѓутоа, авторот на текстот ги зел податоците селективно, со цел да констатира дека актуелната власт е таа која е заслужна за откажувањето на граѓаните од македонско државјанство. Со селективниот приказ на податоци, прекршен е Кодексот на новинари, член 1:
Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.
Истите податоците од МВР се јавни и предмет на анализа и на останатите македонски медиуми. Така на пример, Фактор ги пренесува целосно овие податоци, со заклучок дека „на годишно ниво во просек од македонско државјанство се откажувале од 1.000 до 1.500 луѓе“. Фактор, како и Курир изнесува дека во 2018 година најголем број граѓани се откажале, односно 1.621:
Согласно Законот за државјанството на Република Северна Македонија во 2010 година 1.105 лица добиле отпуст од државјанство на Република Северна Македонија, во 2011 година 1.063 лица добиле отпуст, во 2012 година 1.104 лица, во 2013 година 1.215, во 2014 година 1.199 лица. Во текот на 2015 година 1.201 лице добило отпуст од државјанство на Република Северна Македонија, во 2016 година 1.476 лица, во 2017 година 1.526 лица, во 2018 година 1.621 лице, во 2019 година 1.326 лица и во 2020 година 1.240 лица добиле отпуст од државјанство на Република Северна Македонија“.
Доколку се претставува иселувањето,тогаш најсоодветна е бројката на македонските државјани, кои продолжиле да живеат во некоја друга странска земја со македонско државјанство. Таа бројка официјално не е позната, поради тоа што државава нема спроведено попис веќе дваесет години, но доколку се земат податоците од некои истражувања, тој број е далеку поголем од прикажаните во текстот, предмет на рецензијата.
Бројот на луѓето со отпуст од државјанство, покажува колку луѓе се откажале од македонското државјанство, со цел да стекнат државјанство на друга земја.Има држави како Иран или Германија, оклу четириесетина држави, кои бараат ексклузивно државјанство, односно не дозволуваат двојно државјанство и доколку некој сака да стане германски државјанин, на пример, мора да се откаже од државјанството од земјата во која се родил.
Според тоа, новинарот кога известува, е должен до крај да ги изнесе фактите. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни. Се’ друго е обид за манипулација.