„Сименс” заинтересиран за учество во енергетски и други капитални проекти во земјава, соопштуваат од Владата – ММС
ММС

Објавено на: 02/15/21 8:23 PM

„Сименс” заинтересиран за учество во енергетски и други капитални проекти во земјава, соопштуваат од Владата

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска прими делегација на регионалното претставништво на германската компанија „Сименс”, предводена од генералниот директор Удо Ајхлингер.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, претставниците на „Сименс”, како компанија која има респектабилно меѓународно искуство и стручност, покажаа интерес за поголемо и непосредно присуство во Северна Македонија со цел да учествуваат во конкуренцијата во енергетскиот сектор во делот на обновливите извори на енергија, гасификацијата, како и во проектите за заштита на животната средина во капиталните проекти за управување со хидросистемите за снабдување и во системите за менаџирање со отпадните води.

Премиерот Заев и заменик-претседателот Битиќи ги запознале претставниците на „Сименс” со стратешките проекти на Владата во енергетиката со посебен акцент на развојот на капацитетите со обновливи извори на енергија, и со крупните проекти за управување со води и ги охрабриле да учествуваат на јавните повици за конкурентно учество за нивна реализација.

На средбата гостите од „Сименс” биле запознаени и со предностите на Законот за стратешки инвестиции кој овозможува поголеми инвестициски циклуси на државно и на локално ниво со опција за државна помош за поттик на економскиот раст, вработувањето, примената на нови технологии и иновации, и за зголемување на конкурентноста и на извозот.