Мјанмар распореди тенкови на протестите против пучот – ММС
ММС

Објавено на: 02/15/21 6:27 PM

Мјанмар распореди тенкови на протестите против пучот

Воената хунта на Мјанмар денес распореди трупи и тенкови во Јангон, поради тоа што протестите против државниот удар, што се случи на 1 февруари, продолжуваат во најголемиот град во земјата, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Демонстрациите веќе влегоа во втората недела, а Ла Мин, фотограф фриленсер во Јангон, изјави дека за прв пат се распоредени војници и воени тенкови во близина на местото на протестите.

И покрај тоа што акцијата на властите на Мјанмар доби на интензитет и беа уапсени голем број демонстранти, тие повторно излегоа на улиците во различни делови на земјата и продолжија да го искажуваат своето незадоволство од воениот удар.

Илјадници демонстранти се собраа пред зградата на Централната банка во населбата Јанкин во Јангон, повикувајќи ги работниците да се придружат на кампањата за граѓанска непослушност што ја започнаа здравствените работници.

„По приватните банки, демонстрантите ја имаа за цел Централната банка. Војниците и воените тенкови се распоредени во близина на местото на протестите“, изјави Ла Мин, кој известуваше за протестите во близина на зградата на Централната банка.

Полицијата синоќа истрела предупредувачки куршуми и користеше водени топови против демонстрантите кои одбиваа да се разидат во Мјиткјина, главниот град на мјанмарската држава Качин. Неколку лица, меѓу кои и петмина локални новинари, се фатени за време на акцијата.

Исто така низ земјата денес се блокирани и интернет-услугите.

Член од персоналот на приватна телекомуникациска компанија, Аје Нјеин Пју, за АА изјави: „Воената хунта бара легитимитет за нејзиното неуставно и незаконско преземање. Бруталната акција врз нас никогаш нема да биде признаена од меѓународната заедница.“

Демонстрантите кои зборуваа за АА ја споделија нивната загриженост за тоа дека хунтата може да користи тактики на заплашување за да ги спречи луѓето да протестираат против пучот.

„Војската веќе имаше огромен удел во Уставот на Мјанмар“, изјави Мјо Мин, 22-годишен студент на Медицинскиот универзитет „Јангон“. „Одземањето на Уставот и соборувањето на уредно избраната Влада е најглупавото нешто што сум го видел“, изјави тој.

„Значи, на нив е дали ќе пукаат во нас, дали ќе нè убиваат, но ние мора да продолжиме со протестите затоа што не можеме да им дозволиме да нè вратат во темниот среден век“, рече тој.

– Партискиот штаб на Су Чу опкружен со војници –

„Полициските и воените трупи го опколија и седиштето на поранешната владејачка партија на Мјанмар во Јангон“, изјави за АА партиски претставник.

„Полицијата блокираше дел од патот Швегонедаинг во градот Бахан во Јангон, каде што се наоѓа седиштето на Националната лига за демократија“, рече Кин Сан Хлаинг од оваа партија, додавајќи дека војници во камиони исто така се распоредени во областа.

Таа рече дека 16 високи членови и пратеници имале состанок кога безбедносните сили пристигнале во седиштето на партијата.

„Полицијата побара пристап до деловната зграда, но членовите на партијата не ја отворија влезната порта. Не знаеме што сакаат да направат безбедносните сили“, додаде таа.

Сè уште нема знаци дали безбедносните сили упаднале во зградата, а демонстрантите се собираат во близина на партискиот штаб. Трупите ја напуштија областа по три часа.

Во меѓувреме, странските амбасадори во Мјанмар издадоа заедничко соопштение повикувајќи ги безбедносните сили да се воздржат од насилство врз демонстрантите и цивилите.