Се гушев и мислев дека ќе умрам, не ми треба сожалување, туку разбирање – Со водителката Милена отворено за борбата со анксиозноста – ММС
ММС

Објавено на: 02/15/21 10:08 PM

Се гушев и мислев дека ќе умрам, не ми треба сожалување, туку разбирање – Со водителката Милена отворено за борбата со анксиозноста

Убава, згодна, шармантна, паметна, успешна, ова се само дел од епитетите кои ја красат водителката Милена Антовска- Станковска и никој не би помислил дека таа има проблем. Нејзината секојдневна насмевка и харизма успешно го кријат проблемот со кој Милена се соочува последниве неколку години, а тоа а анксиозноста. И кога ќе се каже вакво нешто повеќето ќе речат- што сака, кога се си има! Но, зад таа фасада со насмевка никој не знае што се крие внатре во човекот. Милена успешно ја надминува борбата со анксиозност и токму од таа причина реши да ја сподели нејзината состојба за да на сите, доколку може им помогне со нејзиното искуство. А по кусото признание за анксиозноста на нејзиниот профил на Инстаграм, таа вели, дека добила многу пораки од млади и стари кои се соочуваат со овој проблем.  Затоа за ММС отворено прозборе за нејзината борба со анксиозноста се со желба со нејзиното искуство да м у помогне некому, кој се наоѓа во ваква состојба.

-Ми беше еден баш еден таков ден, анксиозен и тргнав да пешачам на Водно. Ми дојде од внатре да го снимам видеото и да го споделам, без да размислам дека ќе биде раширено. Кога анксиозноста ми е пуштена на најсилно, сакам да слушам музика.  Досега не ми било пријатно да зборувам за тоа. Мислев дека ако зборувам ќе ми биде полошо. Обично сум отворена личност, но ете за ова немав храброст да прозборам. Мислев ќе ме осудуваат и дека ако зборувам само за тоа ќе ме прашуваат и дека ќе треба само за тоа да мислам. А јас постојано се трудам да ги оттргнам мислите. Но, сватив дека подобро е на проблемот да му погледнеш во очи отколку да го ставаш под тепих. Добив еден куп пораки, сите беа со поддршка, само една или две беа такви што ако не си лекар не е благодарно да ги даваш.

Што ти велеа, позната си, убава си, имаш маж, дете, имаш се, живеј си го животот, што ќе тие анксиозност?

-Да, баш така. Анксиозност имаат и најуспешните луѓе, што кога гледаш од страна ништо не им недостасува. Ама на тој човек длабоко во себе може нешто му недостасува. Реално кога гледаш можеби е така. Но, по чии критериуми мене ништо не ми недостасува? По нашите македонски критериуми? Бидејки по нашите критериуми мора да си мажена или женет до 40 години, мора да имаш дете, најмалку едно, по можност две инаку не те бива, да имаш маж, работа… Или истото е и за килограмите. Ако си слаба ќе ти речат  треба да се поправиш, ако си покрупна ќе ти речат ама како, ти треба да влезеш во 36ка панталони. Општеството толку те бутка и те притиска, што свесно или несвесно ти подлегнуваш. Никој не е имун на тоа. Особено им влијае на чувствителните луге, а јас себе си се сметам за многу чувствителна. Не само чувствителна, туку личност која сочувствува со другите и сето тоа го преживува. Јас го преживувам и тоа што ќе му се случи на некој, кој можеби и трипати го имам видено. Знам, тоа не е нормално, тоа си е моја маана, никој не ми е виновен за тоа. Веројатно моите така ме воспитале, со премногу емпатија. Не знам како ќе звучи ова, но не ја препорачувам, барем не во толкава мера, која јас ја имам. Во овој свет и во ова наше македонско опшество, полно со предрасуди, емпатијата никаде нема да те одведе. Значи, од таму тргна се. И ми е мило што ја отворив таа тема, не за да ме сожалуваат луѓето и да речат- „Леле види ја, овие двајца, троица кажаа и она да не биде покуса“. Но ова не е реклама, мене не ми треба реклама, луѓето ме знаат, па веќе 12 години сум на екраните и посебно вакво нешто не би користела како реклама.

Кога и како почна се?

-Сега кога се враќам назад мислам дека почна по раѓањето на ќерка ми Лана Марија. Тогаш не бев свесна, но сега мислам  дека ми почна како пост породилна депресија, нешто што е нормално.  Но, не од оној  тип кога мајките не си ги сакаат децата, ги отргнуваат од себе, туку затворање во себе. Мене две години буквално ме немаше. Да, се вратив на работа ама се повлеков од се. Од девојка која излегувала по четири пати неделно, секогаш со друштво, весела, по журки, насмеана. Тоа од една страна е нормално, треба да му се посветиш на детето. Единствена цел тогаш ми беше да бидам посветена мајка и мајка која се ќе му пружи на своето дете. Сметам дека тоа не е погрешно што сум го направила, но до одреден период кога веќе се изгубив самата себе. Јас веќе се изгубив. Не знаев која сум.  Себе си се доживував само како мајка на Лана Марија. Мислам дека постепено, малку по малку, ме доведе до таа анксиозна состојба.

Кога ти се случи посериозен паничен напад?

-Мислам дека беше декември 2019 година. Со другарките секоја година пред Нова Година си правиме новогодишна лотарија и таа година решивме да одиме во Солун. Си резервиравме на море, убавина, мерак. Но, наеднаш, додека седевме ми се случи нешто чудно, една чудна болка во желудникот, почнав да се гушам, како да не можам да дишам, како пред онесвесување. Се исплашив. За да не ги паничам другите на другарката до мене и реков да одиме до тоалет. Се измив, малку се стабилизирав. Мене не ми беше јасно што ми се случи. Немав поим дека тоа е анксиозност. Да, сум слушнала, ама немав поима за симптомите.  Цел тој ден ми беше како во бунило. После месец и нешто почна константно да ме боли желудникот и тоа константно што мислев дека имам некој гастро проблем. Бев на гастроскопија, две недели пред да почне затворањето поради короната. Но, кога ми рекоа дека немам ништо, мене во истиот момент престана да ме боли желудникот. Значи било психички. И тогаш сватив дека јас всушност имам проблем со анксиозност. И мака мачев со такви повремени напади, плачење без потреба, паники, нерасположеност, па капак почна короната, па не идев на работа, сопругот работеше од дома, моите не ги гледав. Бев преплашена, моите не ги видов три месеци, а многу, многу сум поврзана, нема ден да не се слушнеме. Веројатно тоа толку страшно го преживеав што веќе летото кај јули и август стана алармантно. Скоро секој ден имав панични напади. На Лана и правевме во август роденден и крштевка а јас го поминав со многу тегоби. Само јас си знам на тој ден како ми беше, а најубав за мене. Јас ни половина од тоа што ми се случуваше, што го доживеав  не кажував на сопругот и на моите. Не сакав да ги секирам. А мислев и ако молчам ќе помине. Но, дојде и тој момент кога не можев веќе да издржам. Од мене сами излегуваа солзи и зборови. Да се однесувам како, не дај Боже, некој да ми умрел. Од страна кога ме гледаа не ме разбораа. Што ти е? Имаш се? А мене тие осуди дополнително ме туркаа во таа дупка. Тоа не доаѓа преку ноќ, тоа се години и години стрес. Јас знам дека има врска и со работата. Осум години во утринската емисија, секој ден слушав разни муабети, коментари и ако не си го исфрлил тој стрес, ако си немал вентил се наталожува. Покрај тоа и приватни стресови. Секој од нас приватно има стрес. Секој различно ги сваќа работите. Ако за мене раскинување со дечко е смешна работа, за некој не е.  Сами сме сведоци дека тоа може да доведе до самоубиство.  Затоа не треба да се генерализира. Ако човек ви се пожали дека има проблем, во најмала рака сослушај го, само не му викај- абе што ти е, ништо не ти е.  Кога ќе ги слушнам јас тие зборови ми иде да станам од маса и никогаш да не се вратам.

Кога реши да побараш стручна помош?

-Некаде есента побарав стручна помош. Бев на психолог, кој не ми препиша никакви таблети, ми рече дека не сум стасана до таму. Понав да пешачам, да одам на кеј. Види, мене во пораки луѓе ми пишуваа дека се плашеле од дома да излезат. Тоа, за среќа јас го немав, но  кај мене се случи една друга работа. Во сон сум имала два епилептични напади, на кои не се секавам а маж ми многу се исплашил. Направив еден куп испитувања и се беше во ред. Само некоја дијагноза за епилептичен напад, со некоја терапија и со препорака за следење на состојбата. Нека ми простат лекарите, многу им благодарам, но јас посакав и второ мислење, па затоа отидов кај др. Чепреганов, тој е стручњак за епилепсија. Од проверките што ги направив таму се виде дека немам епилепсија. Дека било акутно, веројатно од преголем стрес, некое повисоко ниво на анксиозност довело до тоа. Не знам веќе ни јас како да го објаснам. Ми препиша терапија и си одам на контроли.

Дали е сега се во ред? Како се чувствуваш?

-Сега за сега е во ред. Одвреме навреме ме фаќа анксиозност, ме фаќаат панични напади, но сега горда сум на себе што многу успешно ги менаџирам нападите. Научив да ја контролирам состојбата. Си разговарам со нападите.  Чепреганов само ми кажа дека морам да намалам со стресни ситуации, дека морам да имам издувен вентил, да не ставам се при срце. Премногу сум му благодарна, нема како него. Од она што го знам е дека трае за цел живот, си оди и се враќа. Стресот и некоја трагична случка влијаат за појавувањето. Кај мене стресот и начинот на живот. Мене ми доаѓа во облик на пред онесвестување, а нема да се онесвестам. И губење на воздух. Тогаш земам длабоко воздух, вдишувам па издишувам и постојано си повторувам- ништо не тие, нема да умреш, ќе помине. Последнава година нема преглед што не сум го направила и олеснување можеби е и тоа што знам дека сум здрава. Гледам што е можно сама да поминувам, но понекогаш и барам помош и тоа само разговор, ништо друго. Толку ми треба. Не ми треба лекар, зошто знам дека нема што да ми прават. Значи се е до психата. А физичкото и менталното здравје се тесно поврзани. Затоа одам на Водно, пешачам, ја коситам природата најдобро што можам.  Времето со Лана исто така ми е убавина.

Како реагираше Лана на случувањата?

-Велат децата и животните се чувствуваат. И така е. Лана забележува дека нешто се случува, но сеуште е мала да го искаже тоа.  Јас  кога сум со неа и кога ќе ми се случи напад, се трудам максимално да се сокријам. Се затворам во тоалет, додека не ми поминат тие пет минути.  Не сакам да ме види Лана, зашто знам дека тоа ќе и остави траума. Затоа што единствено што сакам е моето дете да има правилен раст и развој. Не сакам мојата состојба да нанесе штета на нејзиниот развој. Искрено само тоа се плашам и некогаш се обвинувам, иако не треба да се обвинувам затоа што јас не сум виновна што ова ми се случува. Така, да сега сум насочена кон тоа да си го зајакнам менталното и физичкото здравје. Не слушам  многу совети од некомпетентни лица, нашиот народ некогаш знае да биде и злобен. Пробувам да се држам на дистанца. Некои луѓе ги дистанцирав од мојот живот. Сватив дека погрешно ми влијале, непотребно сум им давала внимание и љубов. Јас буквално се расфрлав себе си, на сите да дадам дел од мене. Сега станав малку посебична и се свртев кон себе си, затоа што на крајот на денот јас сама со себе си останувам со своето тело и со својот ум. И кога ќе си легнам  јас си заспивам со моите мисли и на никој друг нема да му е гајле за моите мисли, освен на моите најблиски. И затоа во ова ги изземам моите најблиски, бидејки тие се единствените кои се грижат за мене.

– Почнав да препознавам на кој можам да му верувам, а на кој не. Почнав да си ја користам интуицијата, која за среќа ми била силна страна, но сум ја занемарувала. Кога било што ќе помислиш за некого нешто верувај и на интуицијата. Тоа се лекции кои сум ги научила последнава година, што верувам дека ќе ми останат за понатаму. Веќе кога се отворив сакам да им кажам на сите што имаат ваква мака да не се срамат да го кажат тоа што го чувствуваат. Слободно нека отидат најпрво кај стручно лице, да им каже за што станува збор. Затоа што за анксиозноста може да биде предоцна и да  прерасне во депресија, не дај Боже. А знаеме што се случува  во некои такви случаи. Нека не се плашат за ништо, нека проверат се. И јас така. Нема што не проверив, дури на крај ја снимав и главата. Се додека не кажаа дека се е во ред со мене. Анксиозноста за жал ја има секој трет човек. И прочитав дека тие што се родени во 80тите најчесто го имаат овој проблем. Се зависи од начинот на живот. Ништо не е страшно, ова се лекува ако е до одреден степен, а ако не е се контролира. А контролата е во нашиот ум. Само во нашиот ум, во никој друг.

-Така, да ова сакам да биде само еден поттик за сите кои имаат ваков проблем, да се ослободат, да си го живеат животот, да не се плашат, да си излегуваат, да си шетаат. Не сакам сето ова што го кажав да звучи патетично и на лугето да им биде жал. Мене не ми треба сожалување, ми треба разбирање. Бидејќи луѓето кои ги гледате задоволни и среќни не мора да значи дека се такви. Мене ме доживуваат како една весела личност, која никогаш немала проблеми. Јас кога разговарав со психолог и кога му реков- мислам дека имам анксиозност, психологот ми рече: „Ти анксиозност! Како ти анксиозност!„ Значи на некој не му се верува.  Мене ништо не ми недостасува во животот, не сум материјалист, финансиите ми се важни како и на сите, затоа што од тоа живееме. Имам доволно. Не сум лакома. Семејството ми е живо и здраво, Гордан е супер, ќека ми е супер. Свекор ми за жал почина, тоа е нешто што ме врати неколку чекори назад. Но, навистина гледано од страна немам потреба за вакво нешто. Но, понекогаш животот сам си ги прави некои работи. Јас веројатно сама сум си правела притисок, да дипломирам, да работам, да бидам добра ќерка, да бидам добра сопруга, мајка, да не му наштетам на некој, да не навредам некој… И мислам дека еден дел од тоа што ми се случува е последица на тоа. И постојано си под стрес.  Сега сум ок, добро е што сум свесна за состојбата, знам да ја препознам. Јас си гледам прогрес кај себе. Кога не знаев што ми е јас бев многу исплашена,  навистина мислев дека ќе умрам. А тоа е многу страшно. А сега кога  ќе ми почнат симптомите знам дека ќе ми завршат за пет минути и така ги прифаќам. Си ги употребувам методите кои мене ми помагаат и продолжувам понатаму. И не се вртам, денот си тече.

Има некои посебни методи?

-Лекарите најчесто препорачуваат миење со студена вода и длабоко дишење. Мене дишењето најмногу ми помага.  Вдишувам и издишувам. Мислите и зборовите што сама си ги кажувам како: „Ќе помине, не се секирај, готово е“, тие две работи мене најмногу ми помагаат. Потоа не се враќам назад, помина, ете поминало, утре пак ќе дојде и пак ќе помине. Пак ќе го испратиме. Животот продолжува, обврските си течат. Никој не е без проблеми.  Никој. Проблеми има од различни природи. Тоа е составен дел од животот. Наше е да се бориме и да се носиме со тоа најдобро што можеме.  Ако има лек да си се лечиме. И тоа е тоа. И јас сега многу поинаку ги сваќам работите. А  многу страшно и трагично  ги сваќав. Јас буквално се сваќав трагично. И се ставав при срце. Сега сум полабава, ги прифаќам работите … Секој да си прави во животот што сака…

Весна Миленковска