Во тек се подготовките во Модуларната болница каде од среда треба да започне вакцинацијата против ковид-19, информираше на својот фејсбук профил министер, Венко Филипче.
– Вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација има медицински сестри и лекари. Модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, објави Филипче..
Првата пратка од 4.680 вакцини од предвидените 8.000 вакцини на компанијата „Фајзер” кои се донација од Србија пристигна вчера во земјава. Кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм”. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер” кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.
Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, и лица постари од 70 години.