Пандев распука по ФФМ – Докажавте дека сте нефудбалски луѓе и доста се криевте зад успехот на репрезентацијата – ММС
ММС

Објавено на: 02/14/21 7:27 PM

Пандев распука по ФФМ – Докажавте дека сте нефудбалски луѓе и доста се криевте зад успехот на репрезентацијата

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев попладнево и објави ,,војна’’ на ФФМ при што челните структури што ја водат Федерацијата ги нарече дека  се нефудбалски луѓе кои ги интересираат само личните интереси.  Тој ова го објави на својот инстаграм профил и ги повика луѓето од Федерацијата да не се кријат зад резултатите на репрезентацијата и огромните суми штоги поделиле на име премии.

„Срамно и жално… уште еднаш докажавте дека вие сте нефудбалски луѓе, луѓе што не му мислат добро на македонскиот фудбал, туку ве интересираат само вашите лични интереси и затоа одлуките ви се вакви… Доста се криевте зад резултатите на репрезентацијата, сигурно паметот ви е уште во огромните премии што ги поделивте на наш грб, на грбот на репрезентацијата што гиневме за македонскиот дрес. Излезете јавно и кажете што направивте за македонскиот фудбал, за нашата (аматерска) лига, колку им помогнавте на клубовите во овој тежок период… Спремен сум ако не се сменат некои работи, ако клубовите не одлучуваат во ФФМ, да се тргнам настрана…“ објави Горан Пандев кој постот на инстаграм го сподели со фотографија од замрзнатиот терен на СРЦ Пандев каде вчера играше Академија Пандев со Работнички а денес ФФМ одлучи да ги одложи останатите мечеви од првото пролетно коло

Пандев не одговарше на повиците да конкретизира на што се должи неговиот објавен пост и кои се причиниот за острите критики кон ФФМ

Инаку како што велат од ФК Академија Пандев, тие вчера од структурите на ФФМ побарале да се одложи не само нивниот туку и останатите мечеви од 19 тото првенствено коло. Во нивното барање навеле дека заради снегот и ниските температури односно замрзнатиот терен нема услови за одигрување на мечот. Но откако не добиле зелено светло морале да го одиграт натпреварот кој беше тежок и за двете екип, фудбалерите мораа да внимаваат на секоја акција а гостите славеа со 1;0

Академија Пандев е еден од клубовите кои сака усогласување на Статутот на ФФМ согласно Законот за спорт а со тоа и поголемо учество на клубовите во структурите на Федерацијата бидејки во неа многу малку се лицата како делегати кои доаѓаат од Првата и Втора фудбалска лига. Агенцијата за млади и спорт јавно соопшти дека Федерацијата сеуште не го усголасила Статутот и процесот на избор на делегати за изборното собрание закажано идниот месец нема да го признае

Ова не е првпат Пандев да реагира за ФФМ и челните луѓе. Тој лани во интервју за италијанскиот calciomercato.com  кажа дека мак фудбалот треба да го водат компетентни луѓе а не лица за пари и интерес. Во мега интервјуто лани во март за италијанскиот сајт тој рече дека во Македонија има фудбалски потенцијал но има и многу работи што треба да се променат за да може клупскиот фудбал оди во нагорна линија.

,, Постојат силни играчи, се надеваме дека ќе го оствариме овој сон. Во македонскиот фудбал има многу работи што треба да се подобрат. Сигурно структурите, ако сакаме лигата да стане посилна и фудбалските деца да ни растат и се усовршуваат во професионалци. Но за ова Ви требаат компетентни луѓе,  водени од страст, кои ќе се обидат да работат на зголемување на промените кон подобро  а не за пари или интерес. Значи ни требат водечки структури кои имаат љубов кон македонскиот фудбал,, кажа лани во март за италијанскиот calciomercato.com

Ване Трајков