Биолошкиот часовник ги проретчи, па од дваесетина, колку што биле во 1980 година кога на Свети Трифун го формирале друштвото „Аузо“, сега се живи само шестмина, кои и натаму ја одржуваат традицијата, по закројувањето на своите, сите заедно да се соберат на едно лозје и свечено да го одбележат празникот, чин што неколку години го благословуваше и архиепископот Стефан, додека беше митрополит на Брегалничката епархија, а за таа убава традиција друштвото објави и книга
Пишува: Љупчо Шатевски
Свети Трифун, заштитникот на лозарите, цврсто поврза дваесетина штипјани уште пред четири децении. Во 1980 година основаа свое друштво „Аузо“, пред седум-осум години издадоа и монографија за друштвото и традицијата, редовно се собираат на закројување секој 14 февруари на празникот Свети Трифун, другаруваат и преку годината, иако поради природните закони значително се проретчија, па од тројцата основачи – Благој Балванлиски, Трајче Крстев – Бирјата и Трајан Јанинков, денес е жив само сега 76-годишниот Јанинков.
Четири децении големи собири на Свети Трифун
– Друштвото што го формиравме на 14 февруари 1980 година заради размена на искуства во врска со лозарството и другарување имаше дваесетина члена од сите делови на градот и од познатото Ново Село, во чија околина е седиштето на друштвото. Но, биолошкиот часовник си отчукува, па останавме само шестмина – јас, стоматологот Душко Џидров, економистот Кире Кордумов, авторот на книгата „Духот на Аузо“, Душко Радев, полковникот во пензија Никола Белјански и гитаристот Мичо Срцето. Другите починаа. Секогаш имавме и свој капелник. Прв беше Никола Крупишки, кој почина пред 15-ина години, по него Трајче Бирјата, кој почина пред шест години, а и последниот – Благој Андреев, од лани не е меѓу нас – вели Трајан Јанинков.
Со носталгија се сеќава на времињата кога на неговото лозје и викендичка, каде што друштвото најчесто го организирало традиционалното закројување и другарување на Свети Трифун, се собирале по повеќе десетици луѓе. Верскиот обред уште од 1980 година редовно го врши свештеникот Станимир Стаменков, а во 1991, 1992 и 1993 година и лично тогашниот митрополит на Брегалничката епархија, а денес поглавар на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.
– Повеќето членови на друштвото си имаат лозја, па на Свети Трифун наутро секој го врши обредот на закројување на своето лозје, а потоа сите заедно на едно место, најчесто на моето лозје и викендичка. Имаме и придружни членови – повеќемина иселени штипјани во Скопје, како Васко Илиев, Ане Зенделов, Васил Тошанов, историчарот Тодор Чепреганов, кои редовно или повремено доаѓаат на 14 февруари. Тоа до пред десетина години беа големи собири. Ненајавено доаѓаа и други луѓе, музичари од Штип и од други градови, случајни намерници…. Седенката со музика траеше со часови – раскажува Јанинков.
Се надеваат дека помладите ќе продолжат со традицијата
Сепак, и покрај тоа што останаа малкумуна, не дозволуваат традицијата да згасне, друштвото „Аузо“ да се избрише. Шестемина, заедно со уште неколкумина штипски скопјани, на Свети Трифун и натаму редовно се собираат. Лани биле на лозјето на полковникот Белјански. Годинава ќе бидат на лозјето на Јанинков. Поради пандемијата, ќе дојдат само неколкумина, без други гости, за да не се прекине со долгата и убава традиција.
– Не се предаваме. Размислуваме и ќе работиме традицијата и друштвото да им ги предадеме на помлади наследници, иако нема да оди лесно зашто времињата се менуваат, па младите, за жал, сега за 14 февруари повеќе зборуваат како за Ден на вљубените отколку како за Ден на лозарите, односно нашиот стар православен празник Свети Трифун – истакнува Јанинков.
Освен на 14 февруари, членовите на „Аузо“ редовно, барем двапати месечно, се собирале и во кафеана. На кафе, пастрмалија, за, како што велат, да евоцираат спомени за убавите млади години што поминале како од шега, за починатите другари, за Аузо, за лозјата… Само што сега, поради здравјето и притисокот, кафето најчесто го заменуваат со чај, свинската пастрмалија со пилешка, а наместо по неколку, пијат само по чаша до две вино или ракија.
АУЗО – ПОВЕЌЕВЕКОВЕН ПРИРОДЕН ИЗВОР НА ВОДА
Изворот Аузо, според кој е именувано друштвото, е во месноста Плуждино, во атарот на Ново Село, на излезот на Штип кон Радовиш и Струмица. Тоа е природен извор на вода што постои со векови, одамна познат како Аузо. Некои дури сметаат оти потекнува уште од римско време.
– Природниот извор полни еден кладенец, до кој се стигнува преку свод, мал тунел од неколку метри, изграден од камен и вар. Има и место за седење покрај чешмата. Никој не знае кога точно е направена таа убавина – вели Трајан Јанинков.