Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, соопшти дека сè уште се отворени сите хипотези во врска со потеклото на новиот тип коронавирус (Ковид-19), јавува aгенцијаta Анадолија (АА).
Гебрејсус преку видеолинк во Женева одржа конференција за медиумите и се осврна на работата на истражувачкиот тим на СЗО на теренот во Вухан во врска со потеклото на Ковид-19.
„Ова беше исклучително важно истражување во исклучително тешки услови“, рече тој.
Додаде дека следната недела ќе биде објавен извештајот, што во врска со потеклото на Ковид-19 го состави експертскиот тим на СЗО.
Тој се осврна и на ставовите дека е потребно да се отфрлат одредени хипотези што се однесуваат на „коренот“ на вирусот.
„По разговорите со одредени членови на делегацијата, сакам да потврдам дека сите хипотези и понатаму се отворени и дека постои потреба за додатни анализи и работа“, истакна Гебрејсус.
Потсети дека тимот научници порано предупредил дека во текот на истражувањата во Кина нема да може да се одговори на сите прашања, но дека се добиени позначајни информации што помагаат во разбирањето на потеклото на вирусот.
„Мисијата успеа да ги сфати првите денови на заразата и одредени се зоните за понатамошни анализи и истражувања“, рече Гебрејсус, кој им се заблагодари на експертите за нивната работа.
Експертот од Одделот за болести кај животните и безбедност на храната при СЗО, Петер Бен Ембарек, се осврна на работата на терен во Вухан.
„Верувам дека бевме успешни. Од многу аспекти добивме многу нови информации во врска со почетокот на заразувањето“, рече тој.
Данскиот експерт рече дека сега многу подобро разбира што се случило во декември 2019 година.
Делегацијата на СЗО ја сочинуваат експерти и научници од САД, Австралија, Германија, Јапонија, Велика Британија, Русија, Холандија, Катар и Виетнам.
Ембарек на 9 февруари изнесе одредени тврдења во врска со истражувањата во Кина, што предизвикаа реакции од САД.
Тој рече дека е висока можноста за пренесување на Ковид-19, со помош на посредник, на луѓето, но дека се потребни додатни информации.
Сепак, смета дека не постои можност вирусот да потекнува од лабораторија во Кина, но потсети на постоење на можноста за ширење на заразата преку замрзната храна и трговијата со производите.
Гласноговорничката на Белата куќа, Јен Псаки, рече дека внимателно сакаат да го анализираат извештајот на експертите на СЗО во кој се тврди дека „нема можност вирусот да потекнува од лабораторијата во Вухан“ и дека сакаат да соберат независни податоци и така да дојдат до резултати.