На Свети Трифун: Се закројуваат три лози во име на Светото Тројство – ММС
ММС

Објавено на: 02/13/21 12:07 PM

На Свети Трифун: Се закројуваат три лози во име на Светото Тројство

Секоја бранша, секој занает си има свој заштитник, така и лозарите си го одбрале Свети Трифун да им биде заштитник. На овој Светец, на неговиот ден се молиме за добар род на лозјето, на овошките, на се’ што е насадено. Добриот гроздобер, квалитетното грозје, дава и добро вино, без кое не може да се замисли ниту една софра посебно на оние коишто ги организираат домаќините што традиционално го одбележуваат Свети Трифун.

Но освен богата софра, овој ден го одбележуваат и обичаи поврзани со молитвата за богат род.

Зошто се закројуваат три лозови гранки и зошто се поросуваат накрсно со светена вода раскажува штипскиот свештеник Добрица Јанев, кој во улога на свештено лице е дел од овој ритуал.

„На самиот ден на Свети Трифун по отслужената литургија се прави водосвет и секој оној што сака и има лозје или овошки или што и да има насадено, доаѓа  во црквата, ќе си нацрпи од водата и доколку сака ќе повика свештеник да дојде на лозјето, овошната градина, бавчата или нива на која што има нешто насадено.Тука се читаат молитвите коишто Свети Трифун ги говорел додека бил жив, ги заколнувал сите штеточини да бегаат од местата на кои им се насадени лозовите насади или овошките. Се благословуваат лозјата, се бара од Бога благослов до Свети Трифун, да даде Бог обилно род оваа година, и за лозјата и за се друго што е насадено, да ги чува луѓето од секаква зла напаст, од секаква наезда на гадинки, мушички и т.н. Потоа свештеникот на три одбрани, “вели свештеникот Јанев.

 Зошто се закројуваат три лозови гранчиња?

 „Затоа што ние веруваме во Света Тројца-во име на Отецот, Синот и Светиот дух, се закројува, благословува и се поросува накрсно со светена вода лозјето, нивата или градината. Доколку не се земе од црквата вода, се извршува водосвет таму на лице место и се повторува истиот чин, со закројување и благословување на лозовите насади“, објаснува свештеникот.

Колку луѓето веруваат и го почитуваат обичајот?

Свештеникот Добрица Јанев вели дека луѓето веруваат и ја почитуваат оваа традиција.

„ Знаеме секоја година однапред кој ќе не повика да дојдеме и за да им ги благословиме лозјата. Луѓето веруваат, нашиот народ е богобојазлив, нашиот народ е верен, се држи до верата и традицијата оставена од татковците и дедовците. Верувам дека така ќе биде и за овој празник, традицијата која е поврзана со црковните обичаи, со црковните правила нема да биде прекината.

Има ли разлика во обичаите во штипскиот и тиквешкиот регион?

Свештеникот Добрица Јанев долги години беше свештеник во Тиквешијата.Тој вели дека нема разлики во обичаите поврзани со одбележувањето на Свети Трифун.

„Нема никаква разлика, потполно исто и таму и овде. Се закројуваат лозниците со три реза, се благословува, се читаат молитвите, се попрскува света вода и потоа луѓето остануваат да наздрават,  се радуваат на овој ден молејќи го Свети Трифун да ги заштити нивните лозови насади,“вели свештеникот Јанев.

Дали ќе продолжи традицијата и оваа година во услови на пандемија?

Тој смета дека  традицијата нема да биде прекината но секако со редуцирано присуство.

„Ако сопствениците, порано повикувале повеќе гости, сега не верувам дека ќе биде така, само сопственикот и свештеникот, само за да не се наруши традицијата, да не го заборавиме Свети Трифун. Верувам дека народот ќе си остане доследен во почитувањето на препораките на здравствените власти, носење маски, држење дистанца, да нема големи  групирања. Иако е поле, иако е отворено место, сепак мора да се држи, дистанца, да се држи растојание“, додава свештеникот.

Од житието на  Свети Трифун

Светиот маченик Трифун е роден околу 225 година во Кампсада, во малоазиската област Фригија, во близината на градот Апамија. Неговите родители биле христијани и уште рано кај него ја поттикнале љубовта кон Христовата вера. Во детството чувал гуски, но уште тогаш се истакнал со исцелителска способност. Со Божја помош лечел болни од разни болести и од луѓето ги бркал лошите дем они. За неговите чуда се раскажувало во целата империја поради што бил викнат во Рим кај царот Гордијан, кого што во тоа време го снашла голема неср еќа, бидејќи ќерка му Гордана се разболела од душевна болест и не можел да ја излечи ниту еден лекар во империјата. Во еден момент нечистиот дух од неа проговорил дека никој не може да го избрка освен Трифун. Најпосле, по Божја промисла во Рим пристигнало и младото, 17-годишно момче од Кампсада, коешто за кусо време ја излечило царската ќерка и се стекнало со уште поголема слава. Од царот било дарувано со многу дарови кои на враќање им ги разделило на сиромасите.

Во некои краишта на Македонија како што се Охрид и Прилеп празникот е познат и како свети Трипун (или Триун) ‒ пијаница. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.

На иконите св. Трифун е претставен или со сорче за режење на лози или со наметка како чувар на гуски. Обичаите и верувањата поврзани со овој празник упатуваат на заклучок дека во неговата основа лежи некој голем претхристијански празник поврзан со првите пролетни активности, пред сè со обработката на градините и лозјата.

На овој ден именден празнуваат: Трифун, Трајан, Трајанка, Трајко, Трајче…