Контроверзниот тендер за иновации и технолошки развој стигна и во рацете на Основното јавно обвинителство. По објавите во медиумите за можни злоупотреби при доделувањето грантови, кои, меѓу другите, им беа доделени и на фирми каде што удел имаат вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец, Обвинителството отвори предмет и ќе ги истражува евентуалните злоупотреби.
Тендерот вреден над 10 милиони евра сè уште не е повлечен, но затоа Министерството за здравство го стопираше огласот за реагенси тежок 35 милиони евра откако јавноста дозна дека единствената фирма што конкурирала како подизведувач била регистрирана пред само четири месеци. Поништен беше и новогодишниот конкурс на Министерството за култура откако медиумите разбраа оти членови на комисиите гласале сами за себе. Всушност, за многу кусо време, актуелната влада направи неколку груби фаули со што стави сомнеж дали ветувањата за промена на правилата на игра во однос на поранешниот тим навистина ќе се остварат или, пак, бизнис-интересите кај секоја гарнитура се посилни од намерите за „општество за сите“?
Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации вели дека лошото законско решение за спроведување на тендерите, нефункционирањето на Државна комисија за спречување на корупцијата и пасивното обвинителство се клучните системски слабости кои овозможуваат спроведување тендери за кои не можеме да говориме дека се израз на рационално и домаќинско трошење на јавните пари.
„Сведочиме на тендери кои упатуваат на заклучокот дека министрите и директорите на јавните институции носат одлуки во кои не се водат од јавниот интерес и тоа е загрижувачки. Владата мора да преземе чекори со кои ќе демонстрира решителност во борбата против корупцијата, а не нејзино прифаќање како дел од начинот на владеење во Македонија. Носителите на јавни функции кои имаат сопственички удели во компании мора да бидат максимално внимателни и да не склучуваат договори, тендери и грантови со државни институции бидејќи во спротивно неминовен е впечатокот дека нивниот избор е субјективен“, потенцира Факиќ, чија невладина организација спроведува мониторинг на јавните набавки од 2008 година.
Дилемите се каде треба да се постави границата меѓу политичарот бизнисмен, дали позицијата на моќ дава привилегија да се знае кога, што и како ќе се огласува, дали милионите евра задолжително завршуваат кај подобните, но од друга страна, дали политичарот газда треба да им забрани на своите фирми да учествуваат на тендери кога тоа им е во дејноста на работење? Дали бизнисмените треба да се откажат од своите фирми пред да влезат во политиката, особено на високи позиции?
Поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, многу добро знае како е да се биде бизнисмен опкружен со државни пари. Татко на градот стана кога бизнисот му „цветаше“, па многумина се прашуваа зошто воопшто му треба да влегува во политиката и да си создава непријатели. Вели дека единствено совеста на самата личност што влегува во политиката и предизвикува конфликт на интереси може да крене рачна кочница.
„Јас бев на извршна функција, а моите фирми како независни правни лица учествуваа во конкурси за технологија, софтвери и слично. Но ми беше укажано дека станува збор за конфликт на интереси, па компаниите се повлекоа. И не само тоа, на јавните претпријатија им помагавме на сметка на моите фирми“, ни изјави Костовски.
Тој потенцира дека нема ништо против вицепремиерот Анѓушев, но оти нелогично е да води сектор што и тоа како има врска со неговата бранша.
„Македонија е премала за да може да се мешаат бизнис-интересите, а тоа да не биде забележано. Оставете го тоа фиктивно продавање на фирмите при стапување на функција. Сакаме да живееме фиктивно или во реалноста? Пак ќе кажам, сè е во совеста, дали е подложен на интереси, дали има лукративни интереси, дали планира позицијата на моќ да ја искористи или злоупотреби за свои цели… Како градоначалник не земав плата, не користев возило од градот, сам си ги плаќав авионските билети и хотелските сместувања, дури и целиот инвентар во кабинетот го набавив од Виена на сопствен трошок. Потекнувам од бизнис-заедницата, стапувањето на градоначалничката функција беше предизвик за мене, да видам дали може да се справам со работите што се битни за општеството. Јавноста секако ме доживува – и позитивно и негативно, но јас сум чист пред себе. Направив сè што можев согласно времето, финансирањето, политичките игри и притисоци што ги трпев во тоа време“, зборува Костовски за „Независен весник“.
Аналитичарот Петар Арсовски смета дека ваквите пропусти на владата влијаат и на рејтингот што го има, особено што голем дел од нејзините поддржувачи се надеваа и бараа да има измени со менаџирањето на државните фондови во споредба со изминатите години.
„Дури и да зборуваме за административни лапсуси, демек, ете, не знаеле за некој пропуст, главните поддржувачи се гневни. Сепак, сметам дека владата релативно добро се справува со ситуацијата и тоа од две причини. Првата е што се повлекуваат и ја признаваат грешката, а второ е што во случајот со тендерот за иновации се вклучи и Обвинителството, што значи покажан е поголем сенс за справување. Но, тоа не значи дека треба да им се повторува и постојано да им се случува. Видете, во секоја влада се прават глупости, ќе ти се протне некоја грешка или некој е корумпиран, но задача на луѓето во владата е да следат и да реагираат навреме“, заклучува Арсовски.
Поради „на ти го – дај ми го“ тендерите врие и на социјалните мрежи. Адвокатот Александар Тортевски пишува: „Да се обидеш да злоупотребиш државни пари и да се повлечеш под притисок на јавноста не е показател за демократски слух, туку само олеснителна околност“. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитровски, кој доаѓа од редовите на СДСМ, предупредува дека ниту тој, ниту премиерот Заев, ниту сопартијците уривале режим, криминал, беззаконие и корупција за повторно да ни се случи истото.
„Доколку и еден промил од овие тешки обвинувања за тендерите и грантовите е точен, мораме да се свртиме кон нас самите, и јавно да ги осудиме и да ги коригираме овие девијантни однесувања. ‘Живот за сите’ нема да дозволиме да биде живот за некого или живот за мене бидејќи така многу лесно ќе преминеме на темната страна. Политиката е како атлетика, штафета 4х100, само еден од тимот да е послаб или немотивиран, целиот тим губи. Јас не сакам ниту ќе дозволам да губи мојот тим: граѓаните на Македонија“, потенцира Димитриевски.
„Кастинвест“ се откажа од грантот од Фондот за иновации
Компанијата „Кастинвест“ соопшти дека се откажува од грантот за мали и средни претпријатија со брз пораст (газели) добиен од Фондот за иновации и технолошки развој преку повикот за мерките од третиот столб со владиниот план за економски раст. Истакнуваат дека како компанија ги задоволуваат сите услови за добивање на грантот, а во сопственичката структура на компанијата фигурира „Брако“ како косопственик, а не вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев како поединец.
„Последниве денови бевме на удар на јавноста, бевме повикувани како компанија во негативен контекст, изнесени беа низа невистини за ‘легнати пари на сметка’, а без притоа да се презентира целосно сликата за побараната помош и за инвестициите кои ги имаме во моментов. Секој бизнис има право да се развива согласно истите услови за сите, услови кои очигледно не важат за нас. Ова нè става во многу неповолна положба и во поглед на конкуренцијата и во поглед на натамошниот развој. Поради потребата да се задржи репутацијата на компанијата која непотребно беше на удар на јавноста и покрај одличниот проект со кој се отвораат нови работни места и се внесуваат нови технологии, донесовме одлука да се откажеме од целиот процес“, се наведува во соопштението.
Горан Адамовски
Извор: Независен