Учествуваат и Русија и Кина: Во Пакистан почна поморската вежба на земјите членки на НАТО – ММС
ММС

Објавено на: 02/12/21 8:23 PM

Учествуваат и Русија и Кина: Во Пакистан почна поморската вежба на земјите членки на НАТО

Под покровителство на Пакистан во Арапското Море започна мултинационалната поморска вежба на земјите членки на НАТО „АМАН-2021“, со учество и на Русија и Кина, јавува агенцијата Анадолија (АА).

На вежбата, која се очекува да трае една недела, учествуваат трупите на поморските сили на 45 земји, меѓу кои и на САД, Кина, Русија и Турција.

„Целта на вежбата која се организира под мотото ‘Сите заедно за мир’, е поттикнување на меѓународната соработка во борбата против пиратството, тероризмот и другите кривични дела кои претставуваат закана за поморската безбедност и стабилност“, се вели во соопштението на поморските сили на Пакистан.

Командантот на Морнарицата на Пакистан, Навид Ашраф, истакна дека оваа вежба ќе придонесе за осигурување на поморската безбедност.

Од друга страна, главниот конзул на Турција во Карачи, Толга Учак, нагласи дека Анкара веќе од 2007 година е дел од ваквите вежби, додавајќи дека Турција и Пакистан секогаш ќе бидат заедно за мир.