Зборот манипулација има потекло од латинскиот збор manipulation и значи вешто, стручно ракување или управување. Во буквален превод, емотивниот манипулатор би бил некој кој знае како да управува со емоциите. Сепак, кога зборуваме за емотивен манилупатор мислиме на личност која управувајќи со емоциите на другите ги остварува своите лични цели и интереси. Ова во интервју за Македонски медиа сервис го објаснува Драгица Стаменковиќ, лиценциран психолог, семеен и системски советник.
ММС и претходно пласираше интервју со психолог во врска со влијанието на луѓето кои манипулираат со туѓите емоции, но ден по одбележувањето на Св.Валентин кога ширум светот се празнува љубовта, зборуваме за навиките и однесувањата на манипулаторите како партнери, односно за врските кои не се темелат на здрава основа. Како да препознаете дали личноста со која сте во врска манипулира со вас, како тоа би можело да се одрази на вас и како да возвратите се само дел од прашањата на кои за читателите на Македонски медиа сервис одговара Стаменковиќ.
Како да препознаеме дека сме жртва на манипулатор?
-Емотивната манипулација подразбира влијание врз друга личност низ искривување на реалноста и емотивно искористување, со цел жртвата да се искористи/потчине и да и се одземе чувството за контрола и моќ. Воопшто не е едноставно да го препознаеме манипулаторот во врската, посебно ако знаеме дека секој може да биде манипулатор и сите во некоја ситуација сме манипулирале свесно или несвесно. Меѓутоа, кај некои луѓе манипулацијата е нивното „второ јас“ и без неа тие не знаат како да функционираат. Во партнерска релација со овие личности, чувствата на вина, срам и тага се често присутни, поради тоа што манипулаторите знаат како да ги откријат слабите точки на партнерот и да ги искористат против нив, имаат одлична моќ на убедување и често пати ги убедуваат партнерите да се откажат од своите приоритети, само за да им служат на нивните себични интереси.
Дали луѓето кои управуваат со туѓите емоции без проблем може да одречат нешто што претходно самите го кажале?
-Тие се експерти во рационализации, оправдувања и објаснувања, радо прифаќаат да ни помогнат и да ни бидат на услуга, но после тоа негодуваат, воздивнуваат и прекоруваат, предизвикуваат чувство на вина и сочувство кај партнерот и никогаш не му дозволуваат на партнерот да биде поголема жртва од нив самите.
Она што е карактеристично за сите емотивни манипулатори е што на секој обид на партнерот да разговараат или да укажат на таквото однесување, манипулаторите длабоко се навредуваат, лутат и дистанцираат, а партнерите ги обвинуваат за себичност, недоволно залагање, посветеност и грижа, што кај партнерите предизвикува константно чувство на вина, а кое со текот на време се претвора во себеобвинување.
Дали нивното манипулативно однесување се одразува и во сексуалниот живот? Може ли преку интимата да создадат слика на жртвено јагне за себе, или пак, одредени сексуални неуспеси да ги покриваат со манипулацијата?
-Секако дека да. Манипулаторот никогаш за ништо не може да биде виновен, така што и за своите сексуални неуспеси ќе најде оправдувања или ќе го обвини партнерот. Емотивните манипулатори, слично како и нарцисоидните структури на личност многу често имаат внатрешно чувство на дефектност, кое го пренесуваат на партнерите низ вина или срам, а истото го прекриваат низ привид на самоуверено однесување.
Колку емоционалните манипулатори се свесни всушност за своите обиди преку кои сакаат да доминираат во врската? Дали кога намерно создаваат чувство на вина кај партнерот/партнерката постои простор за сомнеж во љубовта на манипулаторот или постојат манипулатори кои не се свесни за постапките?
-Кога станува збор за пореметувања на личност, најчесто емоционалните манипулатори се несвесни или доколку се свесни не знаат на кој начин да го променат образецот на однесување и во овој случај психотерапијата е од голема помош. Од друга страна, секогаш постои простор за сомнеж во љубовта поради тоа што манипулаторите во потполност се оптеретени со себе и несвесни се за желбите и потребите на партнерите.
-Доминантни емоции кои се раѓаат во партнерска врска со емотивниот манипулатор се вина и срам кои водат кон себеобвинување. Вина поради тоа што не правиме доволно за партнерот, не ги разбираме неговите потреби, не му даваме доволно љубов, а срам поради нашите постапки. Ако нашата партнерска врска наликува на ролеркостер со големи воздигнувања и падови и во истата не се чувствуваме вистински поврзани со партнерот, тогаш тоа е силен предупредувачки знак да се запрашаме за присуството на емотивната манипулација во врската.
Кое е решението за кажување „стоп“ на обидите за манипулација? Дали таквите врски треба да прекинат или сепак постои начин да се дојде до решение?
Секогаш да бидеме свесни за своите човекови права и тоа:
- Имаме право да бараме кон нас да се однесуваат со почитување
- Имаме право да ги изразуваме своите мисли и чувства, без за тоа да бидеме обвинети
- Имаме право на свои лични приоритети
- Имаме право да кажеме „не“ без чувство на вина
- Имаме право на различно размислување
- Имаме право да се заштитиме од емотивна, физичка и психолошка болка
- Имаме право на среќен и здрав живот
Ако сме свесни за своите права, ќе знаеме како да се справиме со емотивниот манипулатор. Најдобра одбрана од нив е дистанца, а во комуникација да им поставуваме истражувачки прашања, со кои ќе ги поттикнеме на сомнеж и преипитување.
Кога зборуваме за манипулирањето со туѓите емоции, се наметнува и прашањето за случајот со „јавна соба“, но и други групи каде меѓу другото, беа споделувани фотографии од девојки од страна на нивните поранешни партнери. Дали и за нив може да кажеме дека се емоционални манипулатори, обидувајќи се да се стават над својата поранешна партнерка? Колку ваквото нивно опсесивно однесување и по завршување на врската упатува на тоа дека тие манипулирале и додека биле во врска, создавајќи стрес и преиспитување кај жртвата?
-Пред се’, тоа се незрели мажи, а отсуство на зрелост е една од главните карактеристики на емотивните манипулатори. Ваквото однесување е крајно непочитувачко кон друго човечко битие, влегување во туѓ интимен простор без дозвола. Во некои земји влегување во личен простор без дозвола се смета за вознемирување, а во овој случај зборуваме за злоупотреба на истиот. Освен емотивна манипулација, која како шо споменав и погоре може да биде несвесна, овој чин е свесен и јас во него гледам: пакост, љубомора, навредување, понижување и злоупотреба. Се прашувам колку таквото непочитување кон другиот е компензација за сопственото непочитување…
Кои се поголеми љубовни манипулатори, мажите или жените?
-Сметам дека не може да се направи родова разлика. Манипулацијата е чест симптом кај пореметувањата на личност (антисоцијалните, гранични, нарцисоидни и биполарни), но секогаш се луѓе кои се исклучително зависни од другите, постојат низ другите и нивното потврдување. Тоа се личности кои својата внатрешна празнина ја полнат низ вниманието на другите.
Дали емотивните манипулатори се и лоши луѓе, или такви се само во домот, додека на работа се сосема поинакви?
-Манипулаторите се многу присутни во професионалниот свет и често се на високи позиции. Сметам дека манипулацијата е образец на однесување во сите сфери на животот.
Што ако личноста не може или не знае да излезе од врската/ бракот со емотивен манипулатор?
-Личноста која е во брак/врска со емотивен манипулатор треба да знае дека моќта и контролата ја има само таа. Манипулаторот многу тешко, а можеби и никогаш нема да го промени своето однесување, единствена одбрана е жртвата да каже СТОП. Секако дека психотерапијата и поддршката од околината се најзначајни фактори кои можат да помогнат.
Причина за влегување во врска/ брак е љубовта, но каков е случајот со емотивните манипулатори, можат ли тие да сакаат?
-Релациите со емотивните манипулатори обично поминуваат низ три фази: идеализација, обезвреднување и отфрлување. Во првата фаза се маѓепсани и воодушевени од партнерот, посветени и предадени во освојувањето и во оваа фаза се прекумерно внимателни, љубезни и посветени. Во фазата на идеализација, манипулаторот е еуфоричен, полн со сонови и надеж. Во оваа фаза тој може да верува дека е вистински вљубен во партнерот. Оваа состојба е слична како фазата на заљубеност и е сосема реално и очекувано е да му поверуваме на емотивниот манипулатор.
Во втората фаза паѓаат маските и манипулаторот го открива своето вистинско лице и тој станува отсутен, емотивно ладен и дистанциран, крши ветување, превртува зборови, а вие станувате збунети. Манипулаторите стануваат конфликтни, раздразливи и ве обвинуваат за најмала ситница. Се чувствувате емотивно повредени.
Во третата фаа е отфрлувањето/напуштањето. Заминуваат ненадејно, како никогаш да не сте постоеле. Најчесто после оваа фаза партнерите се емотивно скршени и со уништена самодоверба.
Дали емотивните манипулатори влегуваат во врска/брак само за да пополнат некоја празнина, да имаат некој секогаш достапен за секс, или да си го зголемат егото…?
-Најчесто да, поради тоа што живеат со огромна празнина и која како што веќе реков, ја „полнат“ низ посветеноста и воодушевувањето од другите. Себичноста е карактеристична црта за манипулаторите, така што потребата да ги задоволат своите потреби е секогаш нивна примарна цел.
Какви се последиците врз партнерите на емотивните манипулатори?
-Најчесто психички, но не е исклучено и физичко насилство.
Дали емотивните манипулатори може да се заљубат или основната нивна цел во која најмногу уживаат е „силување на мозокот“?
-„Силување на мозок“ е метафора која често се користи за да се опишат овие односи. Сепак, ако манипулацијата е симптом поврзан со пореметување на личност, јас не би го опишала како такво, од причина што најчесто е несвесно. Од друга страна, не смееме да заборавиме дека манипулација е научена во раното детство и како таква имала заштитна улога, но во возрасното доба ова однесување станува генерализација и го оневозможува манипулаторот вистински да се поврзе со партнерот. Во некоја рака, манипулцијата е непријател и на самиот манипулатор.
Дали за спас од ваква врска најдобро е – бегај што подалеку?
-Доколку е патологија, дистанца е најдобра одбрана. Не е дозволено насилство врз друга личност во никоја форма и секој треба да се заштити и да побара помош во слична ситуација.
Колку можат да се променат? Или наместо жртвата да се обидува да го промени манипулаторот, најдобро е сама да се промени?
-Промена е секогаш возможна. Ова е добро прашање, дали жртвата може да го промени манипулаторот? Не сум сигурна. Но, верувам дека оној момент кога манипулаторот барем за кратко ќе почувствува вистинска поврзаност со друга личност и ќе најде начин да задоволи некоја своја базична потреба низ тој однос, тој самиот ќе стекне увид во негативниот ефект на манипулацијата. Увидот е првиот чекор кон промената.
Вања Мицевска