Две опции се предложени на дебатата за државната матура што денеска ја организираше собранискиот Клуб за младински прашања и политики – матурантите да полагаат два екстерни испита, а за интерните да добијат просечна оценка од четирите години во средно образование или да се полагаат предметите по скратени програми.
Пратеничката од ЛДП Моника Зајкова изјави дека предложните опции би требало да бидат прифатливи за сите засегнати страни, и за матурантите, и за МОН и Владата, посочувајќи дека тоа се оптимални предлог-решенија кои се отвориле на денешната дебата.
– Да полагаат два екстерни предмета, додека за интерните испити да им биде впишана просечна оценка од четиригодишното школување. Скратувањето на програмите произлегува од претходно скратената настава поради КОВИД-кризата, неможноста соодветно да се следат сите предавања, како и оскудните технички услови на дел од средношколците, рече Зајкова.
Претседателот на Сојузот на средношколците Бленди Ходаи изјави дека за нив е прифатлива првата опција, но конечна одлука ќе донесат по состанок со членството.
– За два интерни предмета ќе треба да се напише просечна оценка од минатите четири години во средно образование. Ќе дискутираме во Сојузот и ако тоа се прифати, ние ќе пратиме образложена форма до Владата и до пратениците, изјави Ходаи.
Во понеделникот Сојузот го прекина привремено бојкотот во очекување одлука во Собранието каде што е доставен Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средно образование, а во вторникот на нивно барање имаа средба со премиерот Зоран Заев на која разговараа за измени на концептот на државната матура.
МИА